Гавез

(Symphytum officinale, fam. Boraginaceae)

Гавезот е долгогодишна, зелјеста билка, висока до 1m. Коренот е снажен, дебел, меснат, однадвор има темнокафена до црна боја, а во внатрешноста е беложолтеникав. Од него избива право, сочно, шупливо, разгрането и влакнесто стебло. Листовите под прсти се груби од многубројните крупни влакна, долните се елиптични и имаат кратка лисна дршка, а средните и горните се седечки и долгнавести. Цветовите се виолетови или розови, ѕвонести, собрани во соцветија во пазувите на горните листови. Цвета на пролет.

Активен дел од билката е коренот (Symphiti radix), изваден наесен или напролет кога растението ќе почне да разлистува. Кога ќе се расече коренот е слузест и мастен, со карактеристичен мирис и со помалку опор вкус.

Содржи алкалоид – симфитоциноглосин, гликоалкалоид – консолидин, многу слуз, гуми, смоли, танин, етерично масло, шеќери и пурински дериват – алантоин. Претставува типично слузесто и танинско растение.

Благодарение на присуството на алантоин, гавезот помага во растот и во размножувањето на клетките и во обновувањето на ткивото, па со тоа се објаснува неговата вековна употреба во медицината за смирување на симптоми на ревма, отечени и неподвижни зглобови, деформации на зглобовите и на коските, скршеници на коските, оштетување на пршлените и сл., потоа за олеснување на воспалителни процеси на кожата, чиреви, стари и гнојни рани, проширени вени и за подобрување на циркулацијата.

Гел со екстракт од гавез содржи слуз, танини, сапонозиди и алантоин, коишто имаат противвоспалително дејство, ја подобруваат епителизацијата, дренажата и регенерацијата на ткивата. Поради овие дејства, поволно дејствува кај отоци, хематоми, скршеници, посттрауматски состојби. Гелот со гавез се нанесува во тенок слој на кожата три до четири пати во текот на денот, со лесно втривање.

Во домашни услови може лесно да се подготви мелем со корен од гавез којшто ќе се користи надворешно, како облога кај гореспоменатите состојби. За оваа цел, потребни се 100 g иситнет корен од гавез кој попарува со 1 l зовриена вода, вари 20 минути, се остава во покриен сад 5-6 часа, па се процедува. Наместо вода може да се користи млеко во коешто гавезот се вари до густина на каша и се става на платно преку болното место.

Чајот подготвен од коренот на гавез се употебува и против воспаленија на дишните патишта, а наоѓа широка примена и како ефикасно средство за отстранување на тегобите на органите за варење, против крварење од желудник, против дијареја, чир на желудник и на дванаесетпалечно црево. Мешавина од корен од гавез со лист од маточина, жалфија, пелин, бел слез и други билки се препорачува при состојби на цревни воспаленија, болки во стомакот и грчеви во долниот дел на системот за варење. Билките во оваа мешавина имаат антибактериско, спазмолитично, противвоспалително и атстрингентно дејство.

Билната мешавина од маточина, ајдучка трева, жолт кантарион, корен од гавез, подабиче и ленено семе се препорачува на лица со повремена течна столица и помага за уредување на столицата или нејзина стабилизација, кај воспалителни форми на тенкото и дебелото црево. Помага во отстранување на спазматичните болки и придружните појави при грчеви во цревата. Помага да се намали надуеноста на стомакот, воедно стимулирајќи ја дигестивната функција на желудникот, панкреасот и црниот дроб. Свежо подготвениот чај се пие 3 пати на ден, половина час пред секој оброк, незасладен.