Пиревина

(Triticum repens (argropyron repens), fam. Gramineae)

Пиревината е жилав плевел и расте по ливади и на влажни места. Ризомот е многу развиен, а билката се размножува најчесто со ризомот. Пиревината е долготрајна, зелјеста билка, висока 60-120 сm. Стеблото е исправено, со тенки, сплоснати, долги и под прсти груби листови. Цветовите се здружени по 7-8 во исправени, тенки, густи класови долги околу 10 сm. Цвета преку целото лето.

Ризомот од пиревина (Graminis rhizoma) e многу долг, виток и еластичен, надолжно пругаст, со жолтеникава боја како слама. Растојанието меѓу коленцата е шупливо и изнесува 2-5 сm. Има сладок вкус.

Содржи полисахарид – тритицин, кој со хидролиза дава фруктоза. Тритицинот, исто како и инулинот, се наоѓа растворен во клеточниот сок. Во ризомот има и сапонини, слузи, гуми, инозитол, хетерозиди кои со хидролиза даваат ванилин, етерично масло, соли меѓу коишто најзастапени се силикати и малати на калиум и калциум. Не содржи скроб.

Пиревината е слаб диуретик (се претпоставува дека сапонините и калиумовата сол се одговорни за диуретичното дејство, односно за зголемување на диурезата).

Коренот од ова растение се препорачува заедно со други билки со диуретично и уроантисептично дејство во мешавини коишто поволно делуваат при воспаленија на уринарните патишта, како мечкино грозје, коњски опаш, лист од бреза, килавица и други билки. Сите компоненти во мешавината придонесуваат за подобрување на циркулацијата, намалување на воспалителните процеси на простатата и за излачување на вишокот на течности. Оваа комбинација поволно делува кај пациентите со хронично или бактериско воспаление на простатата и други потешкотии при мокрењето.

Во комбинација со други чаеви се користи при артритични промени, а заедно со кората од крушина, цвет од камилица и плод од анасон е ефикасно средство против затвор (тврда столица). Две супени лажици од оваа мешавина се преливаат со свежо зовриена вода, се остава да отстои во покриен сад и се пие по една чаша наутро и навечер, пред оброк.

Чајната мешавина од лист од тегавец, мечкино грозје, коњско опавче, ризом од пиревина, шипка и сладок анасон дејствува противвоспалително, антибактериски и диуретично при состојби на воспаление на јајчниците и јајцеводите. Истовремено, билките присутни во оваа мешавина, ја подобруваат циркулацијата и ги смируваат симптомите на воспалението.

Се препорачува долготрајна употреба на чајот, во времетраење од 3 до 4 недели.