Босилекот е наше омилено народно растение со пријатен и ароматичен мирис, посебно листовите, и ароматичен, горчлив вкус. Се бере надземниот дел од растението (Basilici herba), којшто е богат со етерични масла, танини, сапонини и со горчливи материи. Количината на етерното масло не е голема 0,4 – 0,8 %, но билката сепак има многу силен мирис.
Во етеричното масло има естрагол или метил кавикол, линалол, цинеол и други антисептични состојки коишто служат како конзерванси и го спречуваат развојот на многу микроорганизми, при што ги уништуваат. Па оттука, оваа билка со право се користи при настинки, грип, за инхалации, при воспаление на грлото и на дишните патишта.
Исушениот надземен дел од босилекот, подготвен во облик на попарок, се употребува и за смирување на нервниот систем, против гасови, надуеност и против тегоби на органите за варење. Поединечно или во комбинација со други лековити билки се употребува против некои цревни паразити, за подобрување на апетитот, за уредување на нередовен менструален циклус.
За стимулација на млечните жлезди и зголемено излачување на млеко кај мајките доилки босилекот поволно дејствува во комбинација со надземен дел од мајчина душица, лист од маточина, плод од анасон, плод од ким и грчко семе. Оваа мешавина, освен што го поттикнува и го зголемува излачувањето на мајчиното млеко на природен начин, воедно го подобрува варењето на храната на доенчето и го олеснува отстранувањето на гасовите, а на тој начин се избегнуваат грчевите.
Комбинацијата на босилек со други лековити билки, како плод од шипка, плод од смрека, коњско опавче, мајчина душица, свила од пченка и килавица наоѓа примена и поволно делува при воспаленија на уринарниот систем и го подобрува мокрењето. Билките од оваа мешавина имаат антибактериско, противвоспалитено и диуретично дејство на уринарниот систем и се препорачуваат при воспаленија на уринарните патишта, бидејќи значително ги олеснуваат симптомите.