Рузмарин

(Rosmarinus officinalis, fam. Labiateae)

Рузмаринот е зимзелена грмушка, доста разгранета, висока 1-2 m. Цвета преку целата година со ситни цветови со сина боја. Целата билка има пријатен мирис.

Листовите (Rosmarini folium) како активен дел од растението се собираат на пролет, кога ќе се појават цветовите. Листовите се долги 3-4 сm, игличести, зелени, крти, кожести, испакнати на горната страна, а на средината имаат бразда. Мирисот е ароматичен на цинеол и камфор, а вкусот лут, ароматичен и нагорчлив.

Главната состојка во составот на листовите е етеричното масло, танини, холин, сапонозиди, хетерозиди и горки материи. Етерното масло е безбојна или жолтеникаво-зелена течност, со ароматичен мирис сличен на камфор и лут ароматичен вкус. Се состои од пинен, камфен, цинеол, камфор, борнеол и изоборнил-ацетат.

Листот од рузмарин се користи во народната медицина во состав на чаеви за капење и за дразнење на кожата, чаеви за промивање на косата – го подобрува растот на косата поради подобрување на циркулацијата на крвта.

Маслото од рузмарин влегува во состав на разни козметички средства и лековити води или масти за втривање или мачкање на болните места од телото.

Исто така, индициран е за регулирање на циклусот кај младите девојки, како и за намалување на зголемениот вагинален секрет. Во овие случаи, поволно делува комбинацијата на рузмарин со цвет од камилица, лист од жалфија, ајдучка трева и маточина.

Листот од рузмарин во комбинација со бел слез, мајчина душица, црн слез, лист од гинко и лист од коприва помага за подобрување на функцијата на респираторниот систем. Билките од оваа мешавина имаат антибактериски и противвоспалителни особини, но содржат и слуз, поради што го олеснуваат искашлувањето, а со тоа и дишењето и ја смируваат сувата кашлица.

Поединечно или во комбинација со други билки се користи како ефикасен карминатив, односно средство коешто го олеснува отстранувањето на гасови од цревата.

Чајната мешавина којашто во својот состав содржи лист од рузмарин во комбинација со кора од врба, лист од нане, лист од маточина, вратика, цвет од камилица, цвет од липа се препорачува за подобрување на состојбте при мигренозни главоболки. Билките во мешавината ја намалуваат зачестеноста и ги олеснуваат мигренозните или обичните главоболки. Тие имаат особини да ги ублажуваат симптомите на вртоглавица и на гадење, со што се овозможува олеснување на состојбата. Свежо подготвениот чај се пие два пати на ден. Се препорачува континуирано користење на чајот во период од два месеца, по што следува пауза од три недели. Циклусот може да се повторува. Заради избегнување на појава на несакани ефекти (главоболка, нервоза, замор) не се препорачува прекинување со консумирањето одеднаш, туку се препорачува чајната мешавина да се пие еднаш дневно, последните две недели.