Ајдучка трева, столисник

(Achillea millefolium, fam. Compositae)

Латинскиот назив на билката потекнува од Ahil, митолошки јунак и mile - илјада, folium - лист, бидејќи листот на ова растение е повеќекратно поделен. Ајдучката трева е долгогодишна, зелјеста билка која расте на многу места како коров. Стеблото е право, неразгрането, високо до 80 сm, цврсто и обраснато со долги листови, кои се повеќекратно, многу ситно и пересто поделени, како најфина чипка. Цветните главици се ситни и бели, здружени во соцветија на врвот на стеблото и распоредени во облик на штит. Цвета цело лето. Има својствен и ароматичен мирис и горчлив, ароматичен вкус.

Активен дел од растението е целиот надземен дел, листовите, цветовите и врвовите од гранчињата во цвет (Millefolii herba).

Во својот состав содржи етерично масло, горчлива материја – ахилеин, флобатанин, витамин К, цијаногенетски гликозид, аконитна киселина. Етерното масло има сина боја поради присуството на азулен, што зависи од физиолошкиот вариетет и начинот на дестилација.

Ајдучката трева, воопшто, е најпозната и најчесто употребувана народна лековита билка, како за надворешна така и за внатрешна употреба.

Таа е горчлив ароматик, тоник, стомахик. Поволно дејствува врз желудникот и цревата, зголемувајќи ја активноста на жлездите кои лачат желудечни сокови. Исто така, ја подобрува активноста на црниот дроб, жолчката и на жолчните патишта. Ајдучката трева во комбинација со црвен кантарион, нане, линцура и анасон значително ја подобрува состојбата при појава на гасови, надуеност и тешко варење на храната. Против хроничен катар на желудникот се препорачува мешавина на ајдучка трева со подабиче, мајчина душица, камилица, ким и петровец. За уредување на столицата и против хронична опстипација ајдучката трева се комбинира со лист од сена, кора од крушина и камилица.

Оваа билка поволно делува за подобрување на функцијата на жолчката и жолчните канали, повторно во комбинација со други лековити билки, како пелин, лист од нане, цвет од смил и други.

Оваа билка е познат хемостатик и поради тоа е индицирана при некои видови крварења (хемороидални, крварења од дебелото црево и менструално крварење). Експериментално е докажано дека ахилеинот од ајдучката трева има хемостатично дејство и дека екстрактот од листовите го успорува развојот на патогените бактерии. Танините и етерното масло придонесуваат за брзо заздравување на раните, ги ублажуваат болките и го спречуваат загнојувањето.

Топол чај подготвен од сушен надземен дел од ајдучка трева се препорачува за јакнење на организмот, за подобрување на имунитетот и зголемување на апетитот да се пие три пати во текот на денот по една чаша.

Ајдучката трева влегува во состав на голем број сложени чаеви во комбинација со горчливи и опорни билки. За подобрување на симптомите на бронхијална астма делотворна е мешавината којашто содржи ајдучка трева, подбел, маточина, црн слез.

Кај пациентите кои имаат камен во бубрезите се препорачува мешавина од ајдучка трева, бреза, мечкино грозје, свила од пченка.

Против зголемен вагинален секрет ајдучката трева поволно делува во комбинација со подабиче, камилица, жалфија, линцура, троскот. Оваа билна мешавина се препорачува да се пие во текот на целиот ден наместо вода, а истовремено треба да се прави испирање со млак чај подготвен од мешавина на ајдучка трева со камилица и коприва.