Невен

(Calendula officinalis, fam. Asteraceae)

Нeвенот е едногодишна зелјеста билка, висока 30-50 сm. Кај нас се одгледува насекаде како омилено народно растение. Цветовите се жолти или портокалови, поединечни, 2-5 сm широки, со својствен мирис. Како активен дел од билката се користaт цветовите (Calendulae flos), коишто се собираат по суво и сончево време во корпи и се сушат на силен провев, со цел да ја сочуваат прекрасната природна боја и мирис, бидејќи квалитетот се цени пред сè според изгледот, бојата и мирисот.

Исушениот цвет од невен содржи етерични и масни масла, каучук, смоли и разни каротеноидни бои, слузи, шеќери, белковини, фитостероли, салицилна киселина, ензими и разни соли.

Невенот се користи за надворешна и внатрешна употреба, во народната и во научната медицина. Невенот е благ антисептик. Во облик на чај, тинктура или маст/маслен гел се употребува за подобрување на симптомите кај некои кожни заболувања, особено импетиго, благодарение на противвоспалителното и епителизирачкото делување на активните состојки. Поради овие дејства, чајот подготвен од сушени цветови од невен се препорачува за олеснување на воспалителни процеси на кожата, перутав лишај, изгореници, лузни, убоди од инсекти и заздравување на површински рани. Една супена лажица сушен цвет од невен се прелива со 250 ml свежо зовриена вода и се остава да отстои 10-15 минути во покриен сад. Повремено се промешува, па се процедува. Откако ќе се олади, се прават промивки на болното место, а потоа на кожата може да се нанесе тенок слој на гел со невен, со лесно втривање. Оваа постапка се повторува два до три пати во текот на денот.

Мешавината од еднакви делови на цвет од невен, овчарска торбичка и камилица значително помага за уредување на нередовен менструален циклус. Чајот се подготвува во облик на инфуз (попарок) и се пие три пати дневно по една чаша пред оброк.

Чајната мешавина од цвет од невен, бозел, липа, црн слез и лаванда ги смирува симптомите на настинка, како што се: треска, зголемена температура, кашлица. Топол чај подготвен од овие билки предизвикува потење и детоксикација на организмот, со што значително допринесува за подобрување на симптомите.

Во народната медицина, цветот од невен се користи и за смирување на грчеви во цревата, желудникот и на мазните мускули затоа што со своето дејствување е поволен за слузокожата на овие органи. Подеднакво е делотворен кај заболувања на внатрешните органи, црниот дроб, жолчката и на жолчните канали.