Крушина, крковина

(Rhamnus frangula, fam. Rhamnaceae)

Крушината расте по влажни шуми, покрај реки и потоци, со висина 3-6 m. Има двополни, ситни, неугледни, белозеленкасти цветови. Листовите по рабовите се цели, со паралелна нерватура , а во нивните пазуви сместени се плодовите. Тие се тркалезни, прво се зелени, па виолетово-црвени и на крај црни. Кората е глатка и сјајна, црнкаста или темносива и карактеристично украсена со многубројни хоризонтално поставени, светли лентицели.

Кората од крушина (Frangulae cortex) се собира од младите стебла и подебелите гранки на крај на зимата или почеток на пролетта, пред да почне растението да пролистува и веднаш се суши.

Во продажба доаѓа во вид на цевки или на полуцевки, однадвор сивокафена со хоризонтални лентицели, а одвнатре е нежно прошарена со жолтеникави линии. Ако се џвака ја бои плунката во жолто.

Од хемискиот состав во кората што се користи во фармацијата најзаначајни се слободните и врзани антрахинонски деривати. Главниот антрагликозид има пургативно дејство, светлопортокалова боја, аморфен рамно-гликозид, гликофрангулин, којшто за време на сушењето или долготрајно чување на кората постепено се разградува до гликоза и франгулин, активната состојка на кората од крушина. Кората содржи и други материи, како танини, горки материи, шеќери, масти, емодин, изоемодин, хризофанска киселина и други антрахинонски деривати коишто настануваат како резултат на хидролиза на високомолекуларните комплексни антрагликозиди.

Кората од крушина дејствува лаксативно, подготвена во облик на декокт и се препорачува при хронична опстипација. Една супена лажица се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува. Како познато лаксативно средство се препорачува поединечно или во комбинација со други билки кои имаат слично делување, како сладок корен, ризом од пиревина или лист од сена.

Чајната мешавина на кора од крушина со лист од нане, смил, камилица, пелин и други билки дејствува противвоспалително и спазмолитично, особено на жолчните патишта. Сите билки во мешавината придонесуваат за подобрување при варењето храна, смирување на воспалителните процеси во жолчката и регулирање на нејзината функција.

Мешавината од повеќе компоненти, како цвет од камилица, лист од нане, ајдучка трева, цвет од смил, кора од крковина и пелин дејствува поволно на работата на црниот дроб, стимулирајќи ја неговата активност, дејствувајќи противвоспалително, антиоксидативно, хепатопротективно, како и поволно при варењето на храната. Особено се препорачува негова употреба по состојби на воспаленија на црниот дроб.

Кората од крушина успешно се применува и во комбинација со ајдучка трева, камилица, коњски опаш, корен од глуварче, ленено семе и други билки коишто придонесуваат за ублажување на симптомите при појава на хемороиди. Сите компоненти од мешавината го подобруваат варењето на храната, подобрувајќи ја перисталтиката на дебелото црево и притоа регулирајќи ја столицата.

Во мешавината со лист од нане, лист од маточина, мајчина душица, глог, камилица и ајдучка трева кората од крушина се препорачува за смирување на болка во пределот на срцето, настаната како последица од собирањето на гасови во желудникот или во цревата.

При регулирање на нередовен менструален циклус, кората од крушина се препорачува во комбинација со ајдучка трева, цвет од камилица, овчарска торбичка и други.