Иѓир

(Acorus calamus, fam. Araceae)

Иѓирот е долгогодишна зелјеста билка со многу развиен и разгранет ризом, хоризонтално поставен и долг до 1m. На долната страна е обраснат со многубројни жилести корења, а на горната страна има прави, зелени, сабјести листови, долги до еден метар. Стеблото во основата е црвенкасто, а на врвот завршува со жолто-зелено соцветие, со изглед на клас коешто е свртено на страна. Цвета во јуни и јули. Целата билка има многу пријатен мирис.

Ризомот од иѓирот (Calami rhizoma) е дебел 2-3 сm, сплоснат или малку валчест, од надворешната страна кафен, а пресечен ризом е белузлав, зрнест и со мека конзистенција. На попречен пресек со лупа можат да се видат ситни шуплини. На горниот дел се гледаат триаглести длабнатини, остаток од лисните дршки и кафено-црвеникави остатоци од цветните стебленца. Има својствен ароматичен мирис и горчлив ароматичен и малку лут вкус.

Активниот дел од ова растение содржи етерично масло, смоли, танини, жолта, аморфна горчлива материја – акорин, малку органски бази – холин и метил амин, скроб, слузи и друго.

Иѓирот е лековита и важна ароматична домашна билка, којашто по долготрајна секојдневна употреба не предизвикува навика. Тој е еден од најдобрите желудечно-цревни и ароматично лути билки.

Етеричното масло и акоринот го зголемуваат апетитот и го подобруваат варењето на храната.

Чајот од иѓир ги ублажува желудечно-цревните грчеви, дијарејата и ја намалува киселоста во желудникот, ги отстранува гасовите, го олеснува искашлувањето на слуз од белите дробови при бронхитис или други заболувања на респираторните патишта.

Билната мешавина која го подобрува апетитот и поволно делува за смирување на желудечни тегоби содржи ризом од иѓирот, корен од линцура и црвен кантарион. Овие билки може да се подготват на два начини, во облик на чај, но и со ракија. Билките треба да отстојат во 1l ракија 8 дена (со често промешување), потоа се процедува и се пие три пати во текот на денот по една супена лажица пред оброк.

Чајната мешавина којашто се препорачува за подобрување на варењето на храната содржи ризом од иѓирот, лист од маточина, нане, камилица и плод од анасон. Еднакви делови од овие билки се мешаат. Една полна супена лажица од оваа мешавина се попарува со 250 ml свежо зовриена вода, се остава да отстои во покриен сад и откако ќе се олади се пие, по оброк.

За смирување на тегоби од чир на желудник се употребува една кафена лажица смеса од мелен корен од иѓирот и сладок корен измешана во претходно подготвен силен чај од камилица.

Коренот од иѓирот влегува во состав на диуретични чаеви, заедно со лист од нане, плодови од смрека и лист од магдонос. Еднакви делови од овие билки се соединуваат во еднолична смеса од којашто потоа се подготвува чај со едноставно попарување со свежо зовриена вода. Се пие три пати во текот на денот, пред оброк.