Валеријана, мацина трева

(Valeriana officinalis, fam. Valerianaceae)

Валеријаната е долгогодишно, зелјесто разгрането растение, со непарно перести листови. Висока е 1,5-2 m. На врвот на стеблото и гранчињата има бели или розеникави крупни штитести соцветија составени од голем број ситни цветчиња. Цвета на крај на пролетта и преку цело лето. Приземните листови имаат лисна дршка, а горните се седечки. Валеријаната е полРизомот е краток и дебел, вертикално поставен, од надворешната страна е нејасно прстенест, со темносива боја. Целосно е обраснат со многубројни, заоблени, по должина избраздени, кршливи коренчиња со темносива боја. Од нив ризомот скоро и не се гледа. Додека се пресни подземните органи немаат мирис, но на исушените или на стабилизираните подземни органи мирисот им станува специфичен и непријатен (од изовалеријанската киселина и нејзините естри). Вкусот најпрво е сладок, а потоа станува нагорчлив и ароматичен.

Коренот од валеријана (Valerianae radix) е активниот дел од растението. Содржи пропишана количина етерично масло, чијашто содржина варира во зависност од вариететот и од формата на растението, потоа од климатските услови, сушењето, чувањето и др.

Покрај етерно масло, во коренот има и скроб, слуз, кафетанинска киселина, глукоза, алкалоиди (хатинин и валерин), хетерозиди и смоли. Поголема концентрација на етерно масло има во подебелите коренчиња и во ризомот, а најмногу изовалеријанска киселина има во дебелите стари ризоми. Главната лековита состојка на етерното масло е борнил-изовалеријанат. Освен тоа, содржи борнил-формијат, ацетат, бутират, пропионат, разни алкохоли,терпени и сесквитерпени.

Количината на етерното масло се намалува со стоење и подземните делови од растението добиваат се посилен мирис од ослободената изовалеријанска киселина, настаната со ензимска хидролиза на борнил-изовалеријанат. Зеленкастата или сина боја на етерното масло потекнува од присуството на азулен, состојката по којашто маслото се цени.

Чајот од ова растение е познат уште одамна кај старите народи и се употребува како средство за смирување на нервниот систем. Од коренот на валеријаната се подготвуваат разни фармацевтски форми, како tinctura valerianae, која се користи per os при нервни заболувања, возбуда и несоница. Тинктурата од валеријана претставува водно-етанолен екстракт од корен од валеријана. Помага за поттикнување на сонот, за смирување и за опуштање на мазните мускули. Овој фармацевтски облик на коренот од валеријана се препорачува за подобар сон, за подобрување на состојби на вознемиреност, за подобрување на состојби на менопауза, за подобрување на менталната способност и за релаксација на телото.

Коренот од валеријана поволно делува и на срцето, а се дава и како карминатив (средство коешто помага за ослободување на гасови од цревата). Делотворноста на билката се должи на спазмолитичното и антиконвулзивното дејство на борнил-изовалеријанатот.

Коренот од валеријана се препорачува во комбинација со други компоненти коишто имаат седативно и спазмолитично делување и синергистички дејствуваат, предизвикувајќи ефект на смирување. Чајната мешавина од корен од валеријана, лист од нане, маточина и жолт кантарион се препорачува за ублажување на психичка напнатост, при стресни состојби, вознемиреност, надразнетост, замор, потоа за мигренозни болки, грчеви и ревматски болки. Мешавината помага и при нарушување на сонот. Чајната мешавина од цвет од липа, лист од маточина, корен од валеријана, хмељ, пасифлора и од цвет од камилица помага за полесно заспивање и за подобар квалитет на сонот. Одбраните билки од мешавината дејствуваат благопријатно на организмот, го ублажуваат стресот и дејствуваат релаксирачки на целото тело.

Благодарение на седативното дејство, валеријаната се користи и за смирување на нервозно срце, пекторална ангина (во комбинација со лист од маточина, лист и цвет од глог, анасон и други билки). Комбинацијата на корен од валеријана со лист од бреза, врбова кора и свила од пченка се препорачуава за смирување на болки во пределот на мочниот меур.

За смирување и за регулирање на болна и нередовна менструација, коренот од валеријана поволно делува во комбининација со цвет од камилица и лист од нане.

Сите препарати подготвени од коренот од валеријана се препорачува да се пијат навечер, пред спиење. По потреба, може да се пијат два до три пати во текот на денот, со особена внимателност кај возачите и управувачи на моторни возила бидејќи предизвикуваат сонливост.