Ѓумбир

(Zingiber officinalis, fam. Zingiberaceae)

Ѓумбирот е зелјесто растение коешто се одгледува исто како и компирот. Потеклото на ѓумбирот е од тропските делови на Азија, но денес се одгледува не само во својата татковина (од Индија до Јапонија) туку и во Западна и Јужна Америка.

Како активен дел од растението ѓумбир се користи ризомот (Zingiberis rhizoma), којшто се состои од олупени или нелупени, сплоснати парчиња со неправилна форма.

Ризомот има изглед на дланка со неправилно чворести прсти. Во целина е долг 8-12 сm, а неговите „прсти“ се долги 3-6 сm, широки 1,5-2 сm, а дебели просечно 1 сm. Сите лежат во иста рамнина и по рабовите се заоблени. Нелупениот ризом е доста груб под прсти, со пругасто-набрана површина и со сиво-костенлива боја. Олупениот ризом е посветол, има сивкасто бела боја и има рамна површина. Ризомот од ѓумбир е тврд, доста тежок и компактен. На пресек има зрнеста структура, белосивкаста боја, со ретки и нежни влакненца.

Од хемиско фармакопејскиот состав најважни состојки се: етерното масло, смоли, гингерол, скроб и слузи. Аромата на ризомот потекнува од етерното масло, коешто се состои од терпени (д-камфен и бета феландрен), сесквитерпени (зингиберен), цинеол, цитрал и боронеол.

Лутината пак, потекнува од една олеорезина, гингерол, густа, маслена течност со лут вкус, без мирис.

Ѓумбирот е еден од омилените зачини којшто го уживаат милиони луѓе од сите континенти. Најмногу се употребува во кулинарството кај азиските народи. Тој го подобрува апетитот и дигестијата.

Неговата употреба во медицината се должи на карминативното (ги ослободува цревата од гасови) и стимулативното делување. Како луто ароматично средство во фармацевтската индустрија се употребува како коригенс на мирисот и вкусот на непријатните лекови. Во облик на тинктура се препорачува за подобрување на апетитот.

Чајот од сушен корен од ѓумбир се подготвува во облик на декокт. Една супена лажица се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува.

Пулверизиран облик на коренот од ѓумбир се подготвува со едноставно мешање на половина кафена лажица од истиот во 250 ml претходно подготвен чај или свежо зовриена вода.

Чајната мешавина којашто во својот состав содржи бабин заб, лист од коприва, корен од женшен, лист од гинко, чичок, пасифлора, кора од цимет и ризом од ѓумбир помага за подобрување на потенцијата кај мажите и кај жените. Ѓумбирот во комбинација со овие билки ја подобрува општата физичка и ментална активност кај човекот и ја забрзува циркулацијата. Дел од билките во оваа мешавина дејствуваат и како афродизијак. Препорачана дневна доза од оваа мешавина е една до две чаши во текот на денот. Се препорачува употреба на чајот најдолго еден месец, по што треба да следува пауза од две недели. Циклусот може да се повторува. Да не се надминува препорачаната дневна доза.