Коприва

(Urtica dioica, fam. Urticaceae)

Копривата е добро познат, широко распространет плевел, кој расте како коров по запуштени места, по селата каде што луѓето ја користат како прва пролетна, зелена здрава храна. Како активен дел од растението се берат врвовите од гранчињата со листовите, самите листови, целата надземна билка во цвет или само коренот (Urticae radix). Копривата е лековита, почнувајќи од коренот, преку стебленцето и лисјата, па сè до цветовите.

Коренот од коприва подготвен во облик на чај се користи против опаѓање на косата и истовремено го зацврстува коренот на влакното. Мешавината којашто содржи еднакви делови корен од коприва, кора од даб, лист од коприва и лист од орев е делотворна кај опаѓање на косата. Четири супени лажици од оваа мешавина се преливаат со 1l свежо зовриена вода. Се остава да отстои во покриен сад 30 минути, а потоа се процедува. Откако ќе се олади, со овој чај се прави промивање, плакнење на косата.

Со редовни промивања и масажи на кожата на главата со овој чај, успехот е видлив, косата е без првут, станува лелеава, густа и мазна, со убав сјај.

Чајот од коренот од оваа билка помага и при гихт и ревматски заболувања, а познато е и неговото диуретично дејство. Билната мешавина во којашто коренот од коприва е во комбинација со кора од врба, лист од бреза, коњско опавче, корен од зајчев трн, коса од пченка, корен од гавез и кора од даб помага за смирување на симптоми од ревма и ревматоиден артритис. Билките во мешавината го помагаат смирувањето на болките коишто се јавуваат при овие состојби. Се препорачува за ублажување на ревматски потешкотии во зглобовите и меките ткива, а воедно поволно делува врз целиот метаболизам во организмот.

Овој чај се пие неколку пати во денот, незасладен. Исто како и претходната мешавина потребна е долготрајна употреба.

Диуретичниот ефект на коренот од коприва е искористен во билната мешавина којашто во својот состав содржи лист од мечкино грозје, лист од бреза, коњско опавче, килавица, корен од гавез, коса од пченка, грчко семе и врболика. Оваа композиција на лековити билки помага за подобрување на симптоми од воспаление на простата. Поволно делува кај лицата со хроничен простатит, бактериски простатит и потешкотии при мокрењето. Компонентите во оваа мешавина придонесуваат за подобрување на циркулацијата, намалување на воспалителните процеси на простатата и за излачување на вишокот течности, што се должи на диуретичното, но и силно изразеното уроантисептично дејство.

Свежо подготвениот чај се пие три до четири пати на ден. Доколку не е поинаку препишано, се препорачува долготрајно користење на овој чај.