Пелин

(Artemisia absinthium, fam. Compositae)

Пелинот е една од најстарите, најценетите и најупотребуваните билки. Посебно е ценет во народната медицина на сите времиња. Многу е мал бројот на лековити билки кои имаат долги години традиција на континуирана употреба како пелинот.

Впрочем, и латинскиот назив на пелинот има симболично значење, односно името на билката треба да делува психосугестивно на човекот, тој да верува дека ќе биде здрав. Античкиот назив потекнува од грчкиот збор artemis, што значи здрав и укажува на тоа дека сите билки од овој род (Artemisia) се лековити.

Пелинот е долгогодишна зелјеста разгранета билка, висока до 1 m. Целата билка е обрасната со меки, свиленикави влакненца, па оттука има сребреникаво-зелен изглед. Цвета во лето. Листовите се беличести, свиленкасти, покриени со густи, како кадифе меки влакненца. И стеблото е влакнесто. Цветовите се мали, топчести, жолти и исполнети со маслени жлезди. Сместени се на врвовите на растението во метличести соцветија.

За фармацевтски цели се собира целата билка за време на цветањето, односно листовите и врвовите од гранчињата со цветовите (Absinthii herba).

Од нејзиниот хемиски состав ќе ги издвоиме горчливите супстанции, абсинтин и анабсинтин, потоа содржи етерично масло. Абсинтин е многу горчлива неотровна материја. Горчината на пелинот се чувствува и во разблаженост од 1 : 10000. Употребата на пелинот се должи на присуството на абсинтин. Етерното масло е горчлива, сина или зелена течност. Сината боја потекнува од присутниот азулен, поради што пелинот делува како антифлогистик, односно против воспаленија на слузокожата и кожата. Пелинот е типично горчливо ароматично средство. Се дава во облик на чај, сам или заедно со други горчливи чаеви, за зголемување на апетитот (аперитив, тоник), за подобрување на варењето на храната и против стомачни заболувања (дигестив, стомахик) и за отстранување гасови од цревата (карминатив). Освен тоа, наоѓа примена за регулирање на менструацијата, за намалување на нивото на шеќер во крвта, за јакнење на организмот, против грозница, против цревни паразити. Најдобро е да се пие незасладен, пред оброк, подготвен во облик на попарок (инфуз). Може да се употребува поединечно или во комбинација со црвен кантарион, ива трева и други горчливи билки. Две супени лажици од оваа мешавина се прелива со 500 ml зовриена вода, се остава да отстои 30 минути и се пие три до четири пати во текот на денот, пред оброк. Оваа мешавина поволно дејствува за подобрување на апетитот и за ослободување на гасови.

Чајна мешавина која во својот состав содржи пелин, лист од нане, смил, камилица, кора од крушина и други билки има противвоспалително и спазмолитично делување, особено на жолчните патишта. Сите билки во мешавината придонесуваат за подобрување при варењето храна, смирување на воспалителните процеси во жолчката и регулирање на нејзината функција.

Мешавина од повеќе компоненти како цвет од камилица, лист од нане, ајдучка трева, цвет од смил, кора од крковина и пелин делува поволно на работата на црниот дроб, стимулирајќи ја неговата активност, дејствувајќи противвоспалително, антиоксидативно, хепатопротективно, како и поволно при варењето на храната.