Срцева трева

(Potentilla tormentilla, fam. Rosaceae)

Долгогодишна, мала, зелјеста билка којашто расте по шуми и влажни места. Има ситни, жолти цветови, со 4 венечни листови коишто избиваат од пазувите на листовите. Листовите, при основата, се петоделни, а тие на стебленцето се триделни и без лисна дршка, по рабовите назабени. Стебленцата се разгранети и високи 10-40 сm, прави или малку полегнати.

Ризомот (Tormentillae rhizoma) е тврд, набран, неправилно валчест или вретенест, крт и повеќеглав. Од надворешната страна е црн и многу рапав од остатоците од коренчињата и стебленцата. Има многу опор вкус. Во свежиот ризом има 20-30 % флобатанин, додека во постар ризом овој процент е многу помал, бидејќи поголем дел од танините преминале во нерастворливо торментила црвенило. Во ризомот има и елагна киселина, торментол (кристално, неазотно соединение), потоа смоли, гуми, скроб и друго.

Името на ова растение потекнува од tormina, назив за дизентерија, која во средниот век ја лекувале со оваа билка и potentilla, потекнува од potentia, што значи снага, сила, со што се објаснува нејзиното делување.

Срцевата трева е познат атстрингенс и антидиароик, со реална вредност. Подеднакво е цената како тоник, стиптик и хемостатик, средство што спречува крварење.

Во народната медицина се употребува за смирување на симптомите на најразлични болести, најчесто за спречување течна столица, дијареја (обично крвава) и против дизентерија.

Чајна мешавина од ризом од срце-трева, кора од даб, цвет од камилица, лист од нане, плод од боровинка, лист од јагода, ризом од иѓирот, лист од капина и од надземен дел на петровец помага за подобрување на симптомите при појава на дијареја. Сите билки од оваа мешавина, како главни компоненти, содржат танини, пред сѐ кондензирани танини, коишто со своето атстрингентно дејство (што стега), помагаат при состојби на дијареја.

Спречува и други типови на крварење, како крварење од нос, во урина, болни напади во пределот на мочниот меур и се користи за промивање на крвави рани.

При крварење од нос, ризомот од срцева трева може да се помеша со кора од даб во еднакви делови. Една супена лажица од оваа мешавина се прелива со 250 ml свежо зовриена вода, вари 5-10 минути, а потоа се додава чај од камилица. Се остава да стои 15 минути, се процедува и кога ќе се олади се прави испирање на носот.

При воспаленија на уринарните патишта, болки во пределот на мочниот меур или појава на крв во урината, ризомот од срцева трева се препорачува во комбинација со корен од валеријана, хмељ и камилица.

Комбинацијата на ризом од срцева трева со ајдучка трева, камилица, жалфија успешно се применува при воспаление на устата и грлото. Чајот подготвен од мешавината од овие билки може да се користи за пиење и за гаргара, при инфекции на устата и усната шуплина. Во облик на тинктура се употребува за мачкање на непцата при гингивитис.

Чајот од срцева трева наоѓа примена и за надворешна употреба, за испирање на рани. Со претходно подготвен чај од срцева трева и ајдучка трева се прави испирање на раната којашто крвари или чајот може да се користи во вид на облоги.