Маточина, пчелинок

(Melissa officinalis, fam. Labiatae)

Маточината е многугодишно зелјесто растение, со четириаголно стебло, доста разгрането. Листовите се спротивноположни, срцесто јајцести, со неправилно назабени рабови, со лисни дршки од кои горните се најкратки. Цветовите се пршленесто поставени, собрани по 3-6 или повеќе во пазувите на листовите. Во почетокот на цветањето тие се жолти, а подоцна стануваат сини. Целото растение мириса пријатно на лимон, особено кога листовите се тријат меѓу прсти.

Исушените листови (Melissae folium) коишто се користат како активен дел од растението се тенки, на лицето имаат темнозелена боја, рапави се, со ретки влакненца, а на опачината имаат посветла зелена боја, пунктирани се со жлезди и ишарани со испакнати нерви.

Содржат танини, поради што листот наоѓа примена како благо и пријатно средство за смирување на дијареја, особено летните детски дијареи. Присуството на горчливи и опорни материи ја објаснуваат употребата на листот од маточина во функција на јакнење на организмот. Листот од маточина особено се цени поради неговото мирисливо испарливо етерично масло.

Благодарение на сложениот хемиски состав, маточината дејствува врз повеќе органи, а главната состојка на која се должи неговата широка примена е скапоценото етерично масло со вонредно пријатен мирис.

Листовите од маточина се берат пред билката да процвета, поради тоа што во тоа време се најкрупни и имаат најмногу етерично масло, кое е со најинтензивен мирис.

Маточината е блага, добра и пријатна лековита билка која се препорачува при проблеми во системот на органите за варење (против надуеност на цревата, желудочни тегоби, гадење, повраќање и против дијареја). Поради присуството на танини во неговиот состав, коишто имаат атсрингентно дејство (што стега) овој чај со право може да се употребува за подобрување на состојбата при дијареја, особено кај децата.

Утринските мачнини кај многу трудници може значително да се намалат или да се проретчат доколку се употребува по една чаша свежо приготвен чај од маточина, два пати во текот на денот, наутро и навечер.

Како еднокомпонентен чај или во комбинација со горчливи чаеви (линцура, црвен кантарион, подабица или ајдучка трева), маточината се препорачува на послабите и изнемоштени лица за подобрување на апетитот.

Мешавина од еднакви делови сушени листови од маточина и нане се попарува со свежо зовриена вода. Се препорачува да се пие по оброк, особено на оние лица кои имаат проблеми со варењето на храната, проследено со појава на гасови, надуеност и разни тегоби во цревата. Овој чај е добро да се пие и навечер, пред спиење, бидејќи делува смирувачки, ги отстранува гасовите и придонесува за мирен сон. Кај повозрасните лица, болните или лица чија професија бара честа седечка положба, овој чај треба да се пие наместо вода по оброк, постепено во тек на 10-15 минути.

Маточината во комбинација со други лековити билки е ценето средство кое ја подобрува состојбата кај мигренозните главоболки, обичните главоболки, акутна и хронична несоница предизвикана од премореност или од нервни пречки, нервни слабости, неуралгии, хистерии. Чајната мешавина која содржи еднакви делови лист од маточина и нане, цвет од камилица, хмељ и корен од валеријана делува благопријатно на организмот, го ублажува стресот и делува релаксирачки на целото тело.