Смиљ

(Helichrysum arenarium, fam. Compositae)

Ова е трајна зелјеста билка со сивкаста боја која потекнува од изобилството на волнести влакненца. Стеблото е високо 10 – 40 сm, право, неразгрането, со долгнавести листови, а на врвот носи неколку жолти главичести соцветија. Цвета во лето, а цветните главици се употребуваат кога цветовите ќе почнат да се отвораат. Активен дел од растението се цветовите (Helichrysi flos). Во својот состав содржи флавонски хетерозиди, танини, смоли, горчливи материи и етерични масла.

Смилот е омилено народно растение, кое најголема примена наоѓа како поединечен чај или во комбинација со други лековити билки за подобрување на функцијата на жолчните патишта (чајната мешавина содржи лист од нане, петровец, цвет од камилица, кора од крковина и пелин).

Цветот од смил влегува во билни мешавини коишто ја подобруваат функцијата на црниот дроб, заедно со други лековити билки, како нане, камилица, млечка, ајдучка трева, кора од крковина и пелин. Една супена лажица од овие мешавини се прелива со 250 ml зовриена вода. Се остава да отстои 30 минути во покриен сад со повремено мешање, а потоа се процедува. Се пие како свежо приготвен незасладен чај, три пати на ден, 30 минути пред јадење.

Чајот од цвет од смил подготвен во облик на попарок (1 супена лажица се прелева со 250 ml зовриена вода и се остава да отстои 10-15 минути во покриен сад) се користи и за подобрување на функцијата на органите за мокрење.