Ждралката е долгогодишна зелјеста билка, висока до 1 m. Има исправено стебло, по должината избраздено и шупливо. Листовите се пересто поделени и долги, а цветовите се синобелузлави, собрани во густи китки. Како активен дел од растението се користат врвовите од гранките во цвет и семето (Galegae summitas et semen).
Содржи алкалоид галегин (гванидински дериват), флавонски хетерозид галутеозид, сапонини, танини, горчливи материи. Листот сорджи 100 mg % витамин C.
Присуството на гванидински деривати, односно галегин ја објаснува употребата на ждралката како билка којашто има способност да го намали нивото на шеќерот во крвта, како и нејзиното поволно делување на метаболизмот на црниот дроб. Се употребува како поединечен чај, но влегува и во состав на антидијабетични чаеви.
За употребата на ждралката мора да напоменеме дека не смее да се употребува без контрола и претходна консултација со лекар.
Една супена лажица исушена ждралка се попарува со 250 ml зовриена вода и се остава да отстои 10 минути, потоа се процедува. Се пие пред секој оброк, по неколку голтки, така што количината од 250 ml треба да се испие во текот на денот, по неколку голтки пред секој оброк. Не се препорачува поголема дневна количина од една чаша (250 ml). Освен што се препорачува за дијабетичарите, оваа билка го зголемува излачувањето на урина, го зголемува потењето и стимулира лачење на млеко.