Лен

(Linum usitatissimum, fam. Linaceae)

Ленот е едногодишна зелјеста билка, висока 50-80 сm. Стеблото е тенко, валчесто и слабо обраснато со ситни, долгнавести листови, а на врвот на гранчињата има по еден ситен, нежен цвет со прекрасна сина боја како небо. Плодот е тркалезна чаура со десет семки.

Семето од лен (Lini semen) е плоснато, сјајно, рамно, со јајцест изглед, по рабовите потенко. На врвот е потесно и зашилено, а при основата заоблено. На врвот има мала вдлабнатина со изглед на папок (хилум) и од него се протега еден шав, сè до основата. Крутата лушпа со којашто е покриено семето содржи слуз и кога семето стои во вода, таа омекнува, набабрува и семето станува меко и слузаво. Нема мирис, а вкусот е благ, слузест и мастен.

Во зрело ленено семе има масно масло, витамин F, односно линолна и линоленска киселина, протеини околу 25% поради што е доста хранливо.

Хемискиот состав на лененото семе е доста сложен, па поради тоа семето со право влегува во неколку фармакодинамски групи: благо слузни билки - поради присуството на слузи, масни билки – поради присуствота на глицериди на незаситени масни киселини, цијаногенетски хетерозидни билки - коишто смируваат болки и во витамински билки - поради присуството на важни незаситени масни киселини.

Ленената слуз е доста густа и вискозна. Аплицирана на заболена или иритирана слузокожа ленената слуз создава непрекинат филм и потполно ја покрива, обложува и ја заштитува од разни воспаленија. На овој начин се објаснува благотворното делување на лененото семе при воспаление на слузокожата на устата, желудникот и цревата, за смирување на катар на органите за варење и слично.

Лененото семе е благо средство за прочистување, бидејќи механички ги активира движењата на мрзливите црева. Влажнејќи ја слузокожата, слузта од лененото семе го олеснува, ублажува и забрзува чистењето на цревата, има лаксативно дејство, внатрешната површина на цревата станува слузава. Поради тоа, лененото семе се препорачува како безболно и безопасно лаксативно средство, посебно кај пациентите со хронична опстипација. Како добар емолиенс е индициран при гастритис, хиперацидитет, надуен стомак.

Една супена лажица ленено семе се прелива со 100 ml млака вода и се остава да отстои 6 часа во покриен сад со често промешување. За коригирање на вкусот на ленената слуз може да се додадат разни ароматични билки со пријатен мирис, коишто се истовремено лековити и делуваат слично со ленената слуз, на пример плод од анасон, лист од нане, сладок корен и сл.

Дејството на сомеленото семе е слично, но малку посложено бидејќи лененото брашно делува и со своето масло и со гликозидот линамарозид. Со тоа се објаснува зошто ситно сомелено семе, аплицирано надворешно како облога (катаплазма) помага во смирување на болки на телото, чиреви, апсцеси, воспаленија на кожата.

Мелено ленено семе подготвено со мелено семе од синап во мед се употребува за смирување на надразнета слузница при сува кашлица, поволно делува при воспаленија на горните дишни патишта и помага во разредување на густиот секрет при продуктивна кашлица. Во 500 g мед се меша една супена лажица претходно сомелено семе од синап и три супени лажици мелено ленено семе. Во текот на денот, треба да се консумира три пати по една супена лажица од оваа смеса, половина час пред секој оброк.