Копривата е добро познат, широкораспространет плевел, којшто расте како коров по запуштени места, по селата каде луѓето ја користат како прва пролетна, зелена здрава храна. Како активен дел од растението се берат врвовите од гранчињата со листовите, самите листови, целата надземна билка во цвет, семето или само коренот.
Во народната медицина, семето од коприва (Urticae semen) наоѓа широка примена како ефикасно средство за подобрување на состојби на слабокрвност, состојби на намален број на црвени крвни зрнца, против разни инфекции и нарушувања настанати како последица на лошата размена на материи во организмот.
Превентивно се употребува и за јакнење на организмот, посебно кај деца, стари и изнемоштени лица поради нејзината моќ за прочистување на крвта и за зголемување на бројот на црвените крвни клетки.
Бидејќи поволно влијае на функцијата на панкреасот, подготвено со кисело млеко или со јогурт (една супена лажица семе од коприва се меша во 250 ml јогурт или кисело млеко и се остава 12 часа во фрижидер), го намалува нивото на шеќерот во крвта. Подготвено на ист начин, поволно дејствува за намалување на нивото на триглицеридите и холестеролот во крвта.
Семето од коприва подготвено со мед (100 gr семе од коприва се меша во 1 kg мед, се додава сок од лимон) се препорачува на млади изнемоштени лица, трудници и постари лица кај кои вообичаено е намален бројот на црвените крвни клетки, состојба којашто доведува до замор и исцрпеност. Во текот на денот треба да се јаде три пати по една супена лажица од оваа смеса, половина час пред секој оброк. Семето е богато со железо и поради тоа во овие случаи успешно помага. Освен што се препорачува за подобрување на состојби на слабокрвност, семето од коприва има и голем број други полезни делувања, како што е прочистувањето на крвта, подобрувањето на имунолошкиот одговор и виталноста и општо зајакнување на организмот.
По краткотрајна примена на ова драгоцено средство пациентите се чувствуваат многу подобро, им се враќа енергијата и силата, значително се подобрува имунолошкиот одговор и виталноста на органозмот. Има широка примена за пролетна детоксикација на организмот, поради тоа што ги прочистува цревата.