Бреза

(Betula pendula, fam. Betulaceae)

Брезата е убаво импозантно дрво, со бела кора и со витки гранки коишто висат надолу. Листовите се триаглесто-јајцевидни или ромбоидни, на врвот остри, а по рабовите неправилно назабени, со лисна дршка. Младите неразвиени листови имаат нежни влакна и испуштаат леплив секрет, а постарите се голи и сјајни, со карактеристичен мирис, горчлив и опор вкус.

Активен дел од оваа билка се листовите (Betulae foilium), коишто се собираат на пролет и се сушат на провев. Тие имаат својствен мирис, горчлив и опор вкус. Исушените листови содржат катехински танини, сапонозиди, смолести материи, етерично масло, шеќери и горки материи.

Овој чај има диуретично дејство коешто потекнува од сапонозидите, флавоноидите и од етеричното масло. Дејствува и дијафоретично – предизвикува потење, антиревматично, антиурично и ја намалува холестеролемијата.

Брезовиот лист е еден од најдобрите билни чаеви коишто се користат како антисептици за урогениталните патишта, поради неговата антибактериска моќ.

Редовна употреба на овој чај, подготвен во облик на инфуз, значително го подобрува мокрењето, така што количеството урина може да се зголеми неколку пати повеќе од просечното.

Поради присуството на фенолни соединенија во неговиот состав, дејствува антисептично на уринарните патишта, ја намалува количината белковини во урината (албуминурија), отоците од кое било потекло исчезнуваат, а притоа бубрежното ткиво не се надразнува.

Зглолемената диуреза обезбедува заштита на организмот од прекумерно натрупување течности и токсични материи.