Пченка

(Zea mays, fam. Gramineae)

Свилата од пченка (Maydis stigma) се собира само од женските цветови и се суши во тенок слој на провев. При собирањето треба да се внимава да се бере само млада и сочна свила, а не зрела, сува и темна свила.

Содржи коагулациони или антихеморагични витамини - витамин К3, сапонозиди, танини, шеќери, етерично масло, гуми, алкалоиди, фитостероли, салицилна киселина, ситострероли и други фитостероли, калиумови и други соли. Поради присуството на различни ензими се објаснува зошто свилата од пченка брзо ја губи лековитоста и треба внимателно да се чува на студено и суво место.

Благодарение на сложениот хемиски состав, се употребува како поединечен чај или во комбинација со други билки за подобрување на симптомите кај разни болести. Поединечен чај од косата од пченка се подготвува во облик на декокт. Една супена лажица се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува и се пие пред оброк или по препорака.

Поради присуството на калиумовите соли и други состојки дејствува како благ диуретик и како средство за смирување болки во мочниот меур, за отстранување на песок во мочниот меур, хроничен циститис, нефритис, воспаление на уринарните патишта и слично. Најчесто се користи во комбинација со други диуретични билки како лист од мечкино грозје, лист од бреза, коњско опавче, килавица, корен од гавез, коса од пченка, грчко семе, врболика и корен од коприва, како мешавина којашто помага за подобрување на симптомите од воспаление на простата.

Присуството на салицилна киселина ја оправдува нејзината употреба како средство коешто ги ублажува ревматичните болки. Ова нејзино делување е искористено во билната мешавина којашто, освен свила од пченка, содржи и други билки со слично делување, како кора од врба, корен од коприва, лист од бреза, коњско опавче, корен од зајчев трн, корен од гавез и кора од даб и се препорачува за смирување на симптоми од ревма и ревматоиден артритис. Билките во мешавината го помагаат смирувањето на болките коишто се јавуваат при овие состојби. Се препорачува за ублажување на ревматски потешкотии во зглобовите и меките ткива, а воедно поволно делува врз целиот метаболизам во организмот.