Имелата е мала, разгранета, зелена грмушка, висока до 1 m, којашто живее како полупаразит на разни листопадни дрва, ели, борови. Стеблото е дрвенесто, зеленожолто, заоблено и дихотомски разгрането. Листовите се дебели, кожести, зеленожолти, седечки, по рабовите се цели и имаат 3-5 нерви. Плодот е белузлава или провидна, тркалезна, сочна бобинка којашто е полна со слузеста и леплива маса. Цвета од март до мај, а плоди од август до ноември.
Како активен дел од растението се користат листовите и младите гранки (Visci albi herba). Во својот состав содржи алкалоид вискотоксин, инозитол, флавонски хетерозиди, восок, слузи, холин и други состијки. Хемискиот состав и лековитоста на имелата зависат и од дрвото домаќин на коешто имелата живее. Исто така, и хипотензивното дејство на оваа билка варира, на пример најсилно изразено е кај имелата која живее на круша, помалку на јаболко и најмалку изразено е кај имелата добиена од оскоруша.
Имелата е билка којашто е позната по нејзиното антихипертензивно дејство, односно го помага намалувањето на зголемениот крвен притисок и поволно делува при артериосклероза, но ова дејство е физиолошки силно, па разбирливо е зошто употребата на имелата треба да биде под надзор на лекар. Ова лековито растение може да се употребува поединечно или во комбинација со други лековити билки со слично делување (синергисти).
Мешавината од бела имела, глог, плод од шипка, корен од валеријана, маточина и коњско опавче се препорачува за намалување на крвниот притисок, за намалување на едеми и подобрување на работата на срцето како резултат на регулирање на крвниот притисок. Заедно со листовите и цветовите од глог, имелата е одлично средство за регулирање на срцевата работа и за подобрување на циркулацијата на крвта, посебно при потешки облици на нарушувања на крвотокот.
Во комбинација со лист од бреза и коњско опавче, имелата се препорачува кај пациентите со хроничен нефритис, којшто може да биде проследен со хипертензија. Сите симптоми на нерегулиран крвен притисок, како што се нагол прилив на крв во главата, несвестица, зуење во ушите и нарушување на видот, може да се отстранат со редовна употреба на чај од имела.
Бидејќи имелата поволно дејствува врз функцијата на жлездите, таа е и одлично средство за поттикнување на метаболизмот. Истовремено, поволно дејствува на функцијата на панкреасот, па со редовна употреба на чај од имела кај дијабетичарите значително се намалува нивото на шеќерот во крвта.
Под дејство на активните материи, коишто влијаат на нормализирање на метаболизмот во целиот организам, високиот крвен притисок се намалува. Со тоа, уредно се смирува нервозното срце и се јакне неговата работа.
И жените би требало да пијат чај од имела, посебно оние што се наоѓаат во преодните години и кои имаат проблем со циркулацијата, чувствуваат забрзана работа на срцето, чести напади на топлина, тешко дишење, нарушување на менструалниот циклус и слични симптоми.