Смрека

(Juniperus communis, fam. Cupressaceae)

Смреката е зимзелена, многу отпорна, густа и неправилно разгранета дводомна грмушка или ниско дрво. Плодовите дозреваат во втората година, така што на едно дрво истовремено има зрели и зелени бобинки. Во почетокот плодовите се зелени, а втората година кога ќе созреат стануваат синовиолетови, за при крајот на летото и почетокот на есента да станат темно и сино-виолетови, под влијание на оксидазите од танините и смолите и делумно се покриени со сивкасто восочен слој. Поради таквиот вегетативен развој на плодот, на едно растение може да се најдат темно-сини и зелени плодови. Имаат специфичен мирис, сличен на терпентин и ароматичен горчлив вкус.

Зрелите бобинки од смрека (Juniperi fructus) имаат големина колку зрно грашок, тркалезни се и меснати. На горниот дел на плодот се гледаат три шава во вид на лаци. Мезокарпот е мек и полн, подоцна станува сунѓерест, шуплив и потемнува. Во внатрешноста на бобинките има три јајцесто-издолжени семки кои се доста цврсти и на дното сраснати за мезокарпот.

Содржат етерично масло, инвертен шеќер, смоли, танини, восок, горчлив таногликозид - јуниперозид и органски киселини и нивни соли и флавонски хетерозиди. Во народната медицина е една од најпознатите и често употребувани лековити билки, важна и омилена исто како и кантарионот, ајдучката трева, пелинот, црвениот кантарион итн.

Се користи како диуретик во вид на чај, поединечно или во комбинирани чаеви за мокрење (Species diureticae), заедно со коренот од зајчев трн, килавица и шипка. Една супена лажица од оваа мешавина се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува. Свежо приготвениот чај се пие пред оброк или по препорака, три пати во текот на денот.

Плодовите од ова лековито растение наоѓаат широка примена за подобрување на симптомите кај различни заболувања, за надворешна и внатрешна употреба, како диуретик, против настинки, кашлица, астма, состојби кога е потребно потење итн. Плодовите од смрека, уште повеќе етерното масло, се користат за инхалација, за смирување на надразнета слузница на дишните патишта и за смирување на кашлица предизвикана од дразнење на грлото, душникот и бронхиите. Инхалациите се препорачуваат за олеснување на симптомите на настинка, затнатост на горните дишни патишта и воспаление на слузницата на носот и синусите. Препарати во облик на гел коишто во својот состав содржат мешавина од етерични масла од еукалиптус, терпентин, смрека и тимјан употребен локално на кожата го забрзува протокот на крвта, предизвикувајќи чувство на топлина, проследено со слабо анестетично дејство, со што помага за ублажување на невралгични и мускулни болки.