Црвен кантарион

(Erythraea centaurium, fam. Gentianaceae)

Црвениот кантарион е едногодишна или двегодишна, мала, зелјеста билка со ситни цветчиња со огненоцрвена боја. Цвета цело лето и расте насекаде, најмногу по планинските ливади. Името на ова растение потекнува од латинските зборови centum – стотина и aurum – злато, што значи лек којшто вреди стотина златници.

Како активен дел од растението се користи нејзиниот надземен дел (Centauri herba). Стеблото е цврсто, четириаголно, голо, шупливо, при врвот разгрането, високо 30-40 сm. Листовите се ситни, ретки, скоро седечки, долгнавесто-јајцевидни, по рабовите цели, голи, сјајни, со 3-5 нерви. Листовите при основата се поставени во розета, јајцести, на врвот заострени и најголеми. Тие на стеблото се поретки, помали, спротивноположни и парни, со развиен главен нерв на средината. Сите листови имаат лисна дршка и по рабовите се рамни. Цветовите се групирани во соцветија на врвот на стеблото.

Содржи горчливи хетерозиди генициопикрозид, еритаурозид, еритроцентаурозид и алкалоиди, меѓу кои најважен е генцијанин. Најголема концетрација на овие материи има во стеблото, помалку во цветовите и најмалку во листовите.

Се користи како во народната така и во научната медицина, пред сè како добар тоник, стомахик и амарум, слично на линцурата. Малку лековити билки се употребуваат толку многу, често и успешно како црвениот кантарион.

Влегува во состав на горчливи билни мешавини наменети за подобрување на функцијата на дигестивниот тракт, за подобрување на апетитот, против потешкотии при варењето на храната, гасови и надуеност. Како горчлив стомахик најчесто се употребува во мешавина со линцура, ризом од иѓирот, ива трева и други горки лековити билки, подготвен во облик на чај или тинктура во домашни услови. Мешавината од овие билки се става во 1 l гроздова ракија, се остава да отстои 8 дена во затворен сад, со повремено мешање. Се процедува и се пие два пати на ден, пред оброк. На ист начин може да се користи и смеса од црвен кантарион, ива трева и линцура.

Против гасови и надуеност делотворна е мешавината од еднакви делови црвен кантарион, камилица, нане и маточина да се пие во облик на топол чај, инфуз. Подеднакво ефикасна е комбинацијата на црвен кантарион, корен од валеријана, нане, камилица и мајчина душица.

Во народната медицина се употребува како средство против слабокрвност, грозница и против висока температура.