Глуварче, млечна козица

(Taraxacum officinale, fam. Compositae)

Млечната козица е долгогодишно зелјесто растение, кое расте како плевел насекаде, посебно по влажни ливади. Има вертикално поставен, многу развиен и разгранет корен од кој избива розета од листови, легната по земја. Нема стебло, а цветната дршка е гола, шуплива, неразгранета, валчеста и висока 15-30 сm, а на врвот носи златножолти главичести соцветија, со убави, жолти цветови со јазичест изглед. Сите органи од растението се богати со бел млечен сок, кој обилно истекува кога билката ќе се исече. Млечниот сок има горчлив вкус. За растението, покрај другото, карактеристични се семињата, кои имаат влакненца и благодарение на нив, ветрот го расејува семето насекаде, па билката е многу распространета.

Најмногу се користи коренот (Taraxaci radix), потоа целото растение или само листовите, кои претставуваат своевиден деликатес подготвени како салата. Коренот е најгорчлив доколку се бере во втората половина на летото, а на есен има најголема количина на инулин, состојка која може да се користи во производство на додатоци за кафе. Тој е долг до 20 сm, дебел 0,5-1,5 сm, вретеновиден и валчест, од надворешната страна има темножолта боја. Свежиот корен е полн со бел млечен сок којшто обилно истекува од млечните цевки распоредени во концентрични кругови. Кога ќе се исуши, коренот губи ¾ од својата тежина и станува темносив. По должина, а на места и попречно има пруги и набори. Млечните цевки се темни, скоро црни.

Коренот содржи најмногу активни материи, носители на лековитото дејство, меѓу кои најважни се тараксацин и тараксацерин, две горчливи, во вода растворливи хетерозидни супстанции, кои најмногу ги има во млечниот сок. Во коренот има и ензими, холин, етерно масло, смоли, масни киселини, многу инулин (наесен и до 40 %) и шеќери. Листовите се богати со инозил, слузи, шеќери, смола, тараксацин. Листот којшто е собран на пролет е најлековит.

Како и сите други горчливи дроги, коренот од глуварче го подобрува апетитот и поволно дејствува на органите за варење.

Освен минералните соли, во оваа билка се кријат важни лековити материи коишто влијаат на метаболизмот, па оттука е разбирлива неговата употреба како средство за прочистување на крвта и како диуретично средство. Успешно се применува и за подобрување на функцијата на жолчката и на жолчните канали, како и за хронично воспаление на црниот дроб.

Мешавина од еднакви делови корен од глуварче, цикорија и нане се препорачува за смирување на воспалителни процеси на жолчката и за регулирање на нејзината функција. Во мешавината за подобрување на функцијата на црниот дроб, млечната козица е во комбинација со цвет од камилица, лист од нане, ајдучка трева, цвет од смил, пелин. Сите билки делуваат поволно на функцијата на црниот дроб, стимулирајќи ја неговата активност, делувајќи истовремено противвоспалително, антиоксидативно, хепатопротективно, и секако поволно при варењето на храната. Особено се препорачува негова употреба при состојби на воспаленија на црниот дроб.

Во чајната мешавина која поволно дејствува за детоксикација на организмот, коренот од глуварче е во комбинација со лист од нане, плод од бел трн, лист од магдонос, цвет од бозел, лист од мечкино грозје и други. Оваа мешавина се користи за детоксикација на организмот по долготрајна терапија со лекови или за повремено системско прочистување на организмот. Свежо приготвен чај се пие три пати на ден и се препорачува дневна доза од 1 l.

Чајот од ова растение, истовремено е благ лаксанс, предизвикува потење и дејствува диуретично и освежувачки. При отежнато мокрење се препорачува мешавина од корен од глуварче со други билки коишто делуваат диуретично, како коњското опавче и ситница, килавица.

Зголемената елиминација на вишокот на течности е еден од механизмите којшто го помага намалувањето на телесната тежина. Во овој случај, се препорачува мешавина од повеќе компоненти коишто придонесуваат за намалување на телесната тежина, како зајчев трн, корен од глуварче, слатко дрвце, кора од крковина, плод од сладок анасон. Овие билки делуваат поволно на метаболизмот на мастите и на процесите на мобилизација на мастите од масното ткиво, а со тоа и на водата која е врзана меѓу масните клетки во ткивата. Дејствувајќи на подобрена продукција и проток на жолчниот сок, билките од мешавината го помагаат варењето на храната и поволно дејствуваат на размената на материите.