Коприва

(Urtica dioica, fam. Urticaceae)

Копривата е добро познат, широко распространет плевел, којшто расте како коров по запуштени места, по селата каде луѓето ја користат како прва пролетна, зелена здрава храна. Тоа е многугодишно зелјесто растение, со право неразгрането стебло, високо 50-150 сm . Како активен дел од растението се берат врвовите од гранчињата со листовите, самите листови, целата надземна билка во цвет или само коренот.

Доста се ценат листовите (Urticae folium), кои се берат кога се млади, сочни и здрави, по суво и убаво време. Листовите се сротивноположни, издолжено-јајцести, со лисни дршки, со мали прилистоци, по рабовите крупно назабени. Цветовите се ситни, зелени, собрани во соцветие со изглед на реса. Целото растение е обраснато со остри, цврсти влакненца и поради тоа, боцка и жари.

Во листот има танини, доста соли, хлорофил, мравја, оцетна киселина, каротени, фитостерол, лецитин, многу витамин C и К, слузи. Копривата содржи ацетил-холин и хистамин коишто во поголема количина жарат и печат. Со присуството на гликокинин се оправдува и објаснува употребата на копривата кај дијабетичарите, бидејќи го намалува нивото на шеќерот во крвта.

Копривата е позната лековита билка во народната медицина, но се користи и како превентивно средство и храна. Чајот од коприва се дава против дијареја, зголемен вагинален секрет, крварење на хемороиди и воопшто, за спречување надворешни и внатрешни крварења (поради танинското дејство). Чај или алкохолен екстракт од листот од коприва, заедно со коренот од ова растение, се користи против опаѓање на косата, го поттикнува растот на косата и ја спречува појавата на првут.

Во народната медицина, чајот од коприва наоѓа широка примена како ефикасно средство за подобрување на состојби на слабокрвност, состојби на намален број на црвени крвни зрнца, против разни инфекции и нарушувања настанати како последица на лошата размена на материи во организмот.

Превентивно се употребува и за јакнење на организмот, посебно кај деца, стари и изнемоштени лица поради нејзината моќ за прочистување на крвта и за зголемување на бројот на црвените крвни клетки.

Хлорофилот од копривата го зголемува и го нормализира крвниот притисок, па поради тоа се користи како помошно средство за подобрување на работата на срцето кај срцеви болни.

Копривата успешно се применува и за подобрување на симптомите кај разни други болести, како ревматизам, за одржување на здрави зглобови во комбинација со листови од бреза.

Листот од коприва придонесува за нормална функција на уринарниот систем и за продукција на нормално ниво на урина. Поединечно или во комбинација со други лековити билки, како коњско опавче, ајдучка трева и други поволно дејствува при воспаление на уринарните патишта и песок или каменчиња во мочниот меур.

За подобрување на општата состојба на слабост на организмот при дијареја, листот од коприва се препорачува да се подготвува заедно со мајчина душица во облик на попарок и да се пие неколку пати во текот на денот наместо вода.