Ким

(Carum carvi, fam. Umbelliferae)

Кимот е двегодишно зелјесто растение, високо 50-90 сm. Првата година се развиваат розетасти листови, а втората година стеблото со другите надземни органи. Стеблото е право и разгрането. Листовите се неколку пати пересто поделени. Цветовите се бели или розови, собрани по 8-16 заедно во штитести соцветија на врвот на растението. Расте како плевел насекаде, најмногу на планинските ливади. Цвета уште во април и целата билка пријатно мириса.

Плодовите се мали, јајцести шизокарпи, со пепеластокафена боја, составени од два слободни мерикарпи (полуплодчиња), коишто се повеќе или помалку свиткани и имаат форма на срп. Плодовите имаат специфичен мирис и ароматично лут вкус.

Главна состојка на плодот од ким (Carvi fructus) е етерното масло, потоа содржи масно масло, белковини, танини, смоли, шеќери, целулоза, бои и калциум-оксалат. Етерното масло се добива со дестилација со водена пареа од свежи, здробени плодови. Тоа претставува бистра, безбојна или слабожолтеникава течност со силно изразен мирис на карвон и ароматичен вкус.

Активните состојки на етерното масло се кетонот карвон и терпенот лимонен, потоа содржи дихидрокарвон, карвеол и дихидрокарвеол.

Повеќето фармакопеи бараат етерното масло да содржи не помалку од 50 % и не повеќе од 65 волуменски проценти карвон.

Како и сите претставници на фамилијата Umbelliferae, кимот наоѓа најголема примена како карминатив, средство коешто го олеснува отстранувањето на гасовите од цревата. Се дава и како еупептик, дигестив, диуретик, најчесто во облик на чај. Една супена лажица плод од ким се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува. Свежо приготвениот чај се пие пред оброк или по препорака, засладен по желба.

Се препорачува како поединечен чај или во комбинација со други билки кои имаат карминативно и стомахично делување, како анасон, камилица, нане, мајчина душица, босилек и други.

Кимот е познат зачин кој се употребува во домаќинството, а значајна е неговата употреба и како галактогог (средство за стимулација на млечните жлезди ). Поради ваквото дејство оправдана е неговата употреба за мајките доилки, во комбинација со плод од анасон, мајчина душица, грчко семе и лист од маточина. Сите состојки од оваа билна мешавина се одбрани со особено внимание, пред сè за да бидат безбедни по здравјето на мајката и на доенчето, но и да помогнат во стимулирање на излачувањето на мајчино млеко. Освен галактогогно дејство, оваа мешавина има и антибактериско, антиоксидативно и спазмолитично дејство.

Горенаведените билки помагаат за поттикнување и за зголемување на излачувањето на мајчиното млеко на природен начин. Воедно, го подобруваат варењето на храната на доенчето и го олеснуваат отсранувањето на гасовите, пришто се избегнуваат грчевите.