Подабиче

(Teucrium chamaedrys, fam. Labiatae)

Трајна зелјеста билка, висока 10-30 сm. Од косо поставениот ризом избиваат разгранети, четириаголани стебленца, кои на долниот дел се одрвенети и без листови. Листовите се овални, по рабовите назабени, на лицето сјајни. Цветовите се црвеникави или розеникави, собрани во пазувите на листовите по 2-6 на горниот дел од стеблото. Цвета од мај до септември, а се собираат гранчињата со цветовите и со листовите (Teucrii herba et folium). Расте по камења, најчесто серпентински и голи карпи како ниска, по земја легната, многу разгранета билка со многу горчлив вкус.

Содржи етерично масло, танини, холин, хетерозиди и сапонозид – марубин. Во нашите планински краишта е една од најомолените и најчесто употребуваните билки.

Познато е нејзиното дејствување како тоник, па оттука е оправдана нејзината употреба за подобрување на функцијата на органите од системот за варење. За оваа цел може да се подготви чај од еднокомпонентна билка, подабиче или ива трева во облик на инфуз, попарок. Една супена лажица исушен надземен дел од ова растение се прелива со 250 ml свежо зовриена вода, се остава да отстои во покриен сад 15 минути, а потоа се процедува и се пие три пати во текот на денот, незасладен. Подеднакво е ефикасна комбинацијата со други лековити билки, како ајдучка трева, нане, кантарион, маточина, жалфија, кои придонесуваат за смирување на желудечни болки и помагаат при состојби на надразнетост на желудечната слузница.

Како мирисливо, горчливо и стиптично средство се употребува за подобрување на функцијата на жолчката и жолчните канали, на црниот дроб, против зголемен вагинален секрет и за хемороиди.

Билната мешавина којашто се препорачува против зголемен вагинален секрет содржи камилица, лист од коприва, лист од орев, троскот, имела, коњско опавче, лист од шумска јагода, кора од даб и ива трева. Овие билки делуваат синергистички антимикотично и ја регулираат вагиналната микрофлора. Истовремено делуваат благо диуретично и противвоспалително и со долготрајна употреба значително се намалува прекумерниот вагинален секрет.

Во чајната мешавина за подобрување на функцијата на јајниците и на јајцеводите, подабичето е во комбинација со лист од тегавец, лист од мечкино грозје, коњски опаш, корен од пиревина, плод од шипка и плод од сладок анасон. Овие билки делуваат противвоспалително, антибактериски и диуретично при состојба на воспаление на јајниците и јајцеводите, ги смируваат симптомите на воспалението и истовремено ја подобруваат циркулацијата. Се препорачува долготрајна употреба на овој чај, во времетраење од 3-4 недели.

Во поново време се употребува како ефикасно средство за намалување на зголеменото ниво на шеќер во крвта и против слабост на организмот, слабокрвност и за испирање на рани.