Гинко

(Ginko biloba, fam. Ginkgoaceae)

Гинко е монотипично дводомно растение и единствен жив примерок од Ginkgoales.

Растението има сива кора, достигнува висина од 35 m и дијаметар од 3-4 m (понекогаш и до 7 m). Активен дел кој се користи од растението се неговите листови (Ginko bilobae folium). Тие имаат многу интересен и специфичен облик и претставуваат главна препознатлива особеност на ова растение. Листовите се триаглесто-тркалезни, имаат долга лисна дршка и на врвот се повеќе или помалку поделени на два дела. Нерватурата е васкуларно разгранета. Широки се 6-9 сm, а понекогаш достигнуваат ширина 15-20 сm. Имаат зелена или сиво-жолтеникава боја, горната страна на листот обично е потемна од долната страна. Мирисот е слаб и карактеристичен.

Машките цветови имаат облик на реси со многу прашници и кратки изданоци. На врвовите на кратките изданоци се создаваат висечки соцветија. Женските цветови пак, имаат долга дршка на чиј крај се наоѓаат два семени зачетоци. Зрелото семе е коштунка, долго околу 3 сm. Семето е обвиено со семена обвивка со многу непријатен мирис, кој потекнува од нејзиниот надворешен меснат слој, а внатрешниот слој е доста тврд.

Листот од гинко содржи широк спектар на фитохемикалии, вклучувајќи алкани, липиди, стероли, бензеноиди, каротеноиди, фенилпропаноиди, јаглени хидрати, флавоноиди и терпеноиди.

Главните конституенси се флавоноидите од кои моно-, ди- и три-гликозиди и естри на кумаринска киселина (флавоноидот камферол и кверцетинот доминираат). Негликозидни бифлавоноиди, катехини и проантоцијанидини се исто така присутни.

Карактеристични конституенси на овој растителен материјал се единствените дитерпенски лактони гинколиди А, B, C, Ј и М и сесквитерпенски лактон билобалид.

Употребата на листот од гинко е поддржана со клинички податоци и опишана во фармакопеи и традиционални системи на лекување.

Чајниот напиток подготвен од сушени листови од гинко се препорачува за подобрување на симтомите на слаба до умерена церебро-васкуларна инсуфициенција (синдром на деменција, примарна дегенеративна деменција, васкуларна деменција и комбинарана форма од двете наведени) со следните симптоми: намалена меморија, нарушување на концетрацијата, состојба на емоционална депресија, вртоглавица, зуење во ушите и главоболка. Чајниот попарок (инфуз), исто така се препорачува кај пациентите со оклузивна болест на периферните артерии. Овој фармацевтски облик, подготвен од исушени листови од гинко, наоѓа широка примена и за подобрување на симптомите кај нарушување на функцијата на внатрешното уво, како што е тинитус (зуење во ушите), вертиго со васкуларно и иноволутивно потекло.

Освен како еднокомпонентен чај, листот од гинко се комбинира со други лековити билки во разни чајни мешавини. Чајната мешавина која во својот состав содржи лист од гинко со други лековити билки, како корен од бел слез, мајчина душица, лист од бел слез, лист од црн слез, лист од коприва и лист од рузмарин помага за подобрување на функцијата на респираторниот систем. Билките од оваа мешавина имаат антибактериски и противвоспалителни особини, но содржат и слуз, поради што го олеснуваат искашлувањето, a со тоа и дишењето и ја смируваат сувата кашлица.

Чајната мешавина која во својот состав содржи лист од маточина, корен од глуварче, сладок корен, пасифлора, лист од коприва, ленено семе, лист од нане, калуѓерски бибер, лист од гинко и цимицифуга помага за подобрување на состојбата во климактериум. Комбинацијата од цимицфуга и калуѓерски бибер помага во намалување на појавата на честите бранови на жештина и на ноќното потење. Останатите билки од мешавината помагаат во регулацијата на хормоналниот статус, го подобруваат метаболизмот и помагаат за подобар сон.