Бел Глог

(Crataegus monogyna, fam. Rosaceae)

Глогот е долгогодишно листопадно растение, кое расте како разгранета и отпорна грмушка или ниско дрво, високо 3-4 m. Стеблото и гранките имаат мазна сива кора и покриени се со остри трнови. Листовите се поделени на 3-5 дела, нееднакво назабени, на површината се сјајни и имаат лисна дршка. Цветовите се бели или розови, правилно градени, собрани во мирисни соцветија слични на штит. Плодот е тркалезно-долгнавеста, црвена, малку месната бобинка со 1-3 семки. Цвета во мај.

Како активен дел од растението се собираат цветовите и листовите (Crategi flos et folium). Листовите се берат кога се млади, а цветовите кога во соцветието половина цветови се отворени, а другата половина сè уште се во пупки.

Исушените органи на глогот содржат флавонски и антоцијански хетерозиди, сапонозиди, гванин, аденин и други пурински деривати, ситостерол, холин, ацетил холин, изоамиламин, триметиламин и други алкиламини, ароматични аминокиселини, тритерпеноиди, танини и други состојки.

Глоговиот лист и цвет се користат како благо средство коешто го помага смирувањето, против несоница, вознемиреност, гушење, како срцеви седативи, за намалување на крвниот притисок бидејќи ги шират крвните садови, односно дејствуваат вазодилататорно.

Главната индикација за употреба на чајот од глог е неправилност на срцевиот ритам (аритмија) и намалување на срцевата работа (декомпензација на срцето). Во овој случај, исушениот чај од глогови листови и цветови се меша со еднаква количина исушени листови од маточина и подготвен во облик на инфуз се пие два до три пати во текот на денот пред оброк.

При состојби на артериосклероза и висок крвен притисок, чајот од глог е добро да се комбинира со еднакви делови чај од коњско опавче и чај од имела, а за смирување на нервна напнатост делотворна е мешавината со хмељ, валеријана и маточина.

Посебно треба да се напомене дека при долготрајна секојдневна употреба на чајот од глог може да дојде до појава на негова неподносливост. Поради тоа, по 5-7-дневна употреба, мора да се направи пауза од 2-3 дена. Разбирливо е дека пациентот мора да биде под постојана лекарска контрола.