Тегавец

(Plantago major, fam. Plantaginaceae)

Тегавецот расте насекаде, на влажни места, покрај патишта, реки, ливади, шуми. Кај повеќето видови тегавец, листовите се развиваат во облик на розета на дното на стеблото, кое е неразгрането и нема листови. Стеблото завршува со соцветие од ситни, неугледни цветови.

Во зависност од обликот на листовите и соцветијата, се разликува женски, широколисен тегавец (Plantago major) и машки, теснолисен тегавец (Plantago lanceolata). И двата вида тегавец се трајни зелјести билки, со листови во розета, а на секој лист се истакнуваат нерви кои при врвот се соединуваат. Цвета од пролет до зима.

Листовите на женскиот тегавец се широкојајцести, сјајни и дебели, на широко стебло и поради тоа се нарекува уште и широколисен или крупен тегавец. Има долго, сивкасто или розеникаво соцветие, а цветното стебло е долго колку и листовите. Расте на влажни места, покрај патишта, под настрешници и секаде каде се слева вода.

Машкиот тегавец има тесни, долгнавести, шилести листови, кои постепено завршуваат во кратко стебло. Соцветието е кратко, мало, јајцевидно или тркалезно, цветовите се бели, а цветното стебло е подолго од листовите и има пет бразди.

Активен дел од оваа билка се листовите (Plantaginis folium). Во сите органи на билката има хетерозид аукубозид и ензим инвертаза, емулзин, тирозиназа и коагулаза. Во лисјата има околу 4% танини, пектин, лимонска киселина, C-витамин, сапонозиди и фитонциди.

Листот од тегавец делува против разни воспаленија на кожата и на слузокожата, како и на рани што крварат. Листот од тегавец е одлично природно средство за подобрување на функцијата на респираторниот систем бидејќи го зголемува излачувањето на течност во белите дробови и со тоа го олеснува искашлувањето на густата сува слуз од органите за дишење.

За ублажување на напади на кашлица и полесно искашлување на секретот се препорачува топол чај од тегавец да се пие три пати во текот на денот или комбинација од сушен лист од тегавец, бел слез, лист од подбел и анасон. Три супени лажици од оваа мешавина се преливаат со 500 ml свежо зовриена вода, се остава во покриен сад и по 3 часа се процедува, се засладува со мед и се пие на секои 2 часа по една лажица.

Сам или во комбинација со други чаеви, поволно дејствува при заболувања на дигестивниот тракт, посебно е делотворен при состојби на дијареја, катар, грчеви, чир на желудникот и дванаесетпалачното црево.

Во фармацевтската индустрија, листот од тегавец наоѓа примена за изработка на пастили со пријатен вкус наменети за подобро функционирање на органите за варење (чир на желудник и дванаесетпалачно црево) и на органите за дишење (хроничен бронхитис, фарингитис и ларингитис).