Овчарска торбичка

(Capsella bursa pastoris, fam. Cruciferae)

Овчарската торбичка е едногодишна или двегодишна зелјеста билка, висока до 40 сm. Приземните листови се крупни, пересто поделени и градат розета, додека оние по должина на стеблото се ситни, долгнавести, шилести и по рабовите се цели. На горната половина на стеблото се сместени ситни, бели цветови со различна старост, така што на врвот се наоѓаат пупки, под нив отворени цветови, а уште подолу ситни, триаглесто-срцести лушпести плодови, коишто, кога ќе созреат пукаат и од нивната внатрешност паѓаат многубројни, ситни, црвенкасти семиња, со помош на кои билката се расејува. Цвета од рана пролет до доцна есен.

Надземниот дел од билката (Bursae pastoris herba) треба да се бере додека билката е помлада, бидејќи тогаш е најлековита. Нема мирис, има малку лут вкус, којшто потекнува од сулфурните хетерозиди. Освен хетерозиди, надземниот дел од овчарската торбичка содржи и органски бази тирамин, холин, ацетил-холин, инозитол, танини, разни органски киселини, сапонозиди, витамин C и др.

Овчарската торбичка е една од најпознатите хемостатични билки, којашто со успех се применува при сите видови крварења, на пример крварење од нос, желудник, црева, хемороидално, менструално крварење и сл.

При продолжено и засилено менструално крварење, оваа билка може да се користи во комбинација со надземен дел од троскот, камилица и бела имела. Една супена лажица од оваа мешавина се прелива со 250 ml свежо зовриена вода, се остава да отстои во покриен сад 15 минути, се процедува и се пие топол чај, наутро и навечер по една чаша. За подобрување на оваа состојба, се препорачува и смеса од еднакви делови овчарска торбичка, ајдучка трева, корен од срцева трева и кора од даб. Оваа мешавина е типична танинска, на што се должи нејзината делотворност. Комбинацијата од овчарска торбичка, нане, камилица и цвет од невен е блага и ароматична и исто како и претходните, се препорачува кај пациентките кои имаат продолжено и обилно менструално крварење.

Овчарската торбичка се применува против зголемен вагинален секрет во облик на топол чај, инфуз, којшто се препорачува да се пие во текот на целиот ден. Истовремено треба да се прави испирање со јак, млак чај од камилица и лист од коприва.

При крварење од бубрезите поволно дејствува мешавина од еднакви делови на овчарска торбичка, коњско опавче и брезов лист. Редовна и континуирана употреба на овој чај, три чаши во текот на денот, значително помага за подобрување на оваа состојба. Мешавина од еднакви делови надземен дел од овчарска торбичка и свила од пченка се применува за исфрлање песок и каменчиња од бубрезите и се препорачува да се пие во текот на целиот ден, наместо вода.