Мајчина душица

(Thymus serpyllum, fam. Labiateae)

Мајчината душица е лековита, зачинска, мирислива и медоносна билка. Лековитите состојки се наоѓаат единствено и исклучиво во цветовите и во листовите на ова растение, додека стебленцата речиси воопшто не содржат активни состојки.

Активен дел од растението е надземниот дел (Thymi serpylli herba). Мајчината душица е долгогодишна, зелјеста билка или полугрм, висока 15-тина сm. Збиеното и густо грмушесто растение се состои од легнати по земја, многу тенки, разгранети, на места за земја сраснати, испреплетени, на долната половина дрвенести, темноцрвени и многубројни прави гранчиња обраснати со долгнавести ливчиња и цветчиња. Листовите по рабовите се цели, имаат кратка лисна дршка и по целата површина се точкасти од присуството на жлездени влакна полни со етерно масло. Цветовите имаат кратка дршка, двоустни се по форма и здружени се во густи топчести соцветија на врвот на стеблото, со прекрасна розoва или розово-виолетова боја. Цвета преку цело лето. Целата билка има пријатен и ароматичен мирис и вкус.

Мајчината душица делува како извонреден, пријатен и безопасен конзерванс, дејство коешто се должи на присуството на активното мирисливо етерно масло. Објаснувањето е едноставно, бидејќи карвакол и тимол, двете фенолни соединенија од кои потекнува делотворноста, антисептичната моќ и карактеристичниот мирис на оваа билка, имаат својство на конзерванси. Лековитите состојки на оваа билка се непостојани соединенија, посебно етерното масло коешто е носител на лековитоста. Етерното масло се наоѓа во микроскопски ситни брадавичести жлезди, коишто се толку нежни, што при најмал допир може да паднат, да пукнат и од нив да се излее скапоценото масло. Поради тоа, со мајчината душица треба многу внимателно да се постапува, од берењето па сè до употребата.

Антисептичните својства на мајчината душица ги користи и научната медицина, па при појава на заразни инфективни состојби се препорачува топол чај од ова растение бидејќи има својство да го спречува развојот на многу патогени бактерии, а некои ги уништува. Испарливите лековити состојки на мајчината душица се излачуваат преку органите за дишење, па поради тоа чајот од мајчина душица во комбинација со чај од нане или пак, во облик на некој друг препарат, на пример тинктура, се применува при непријатен здив од устата.

Поради присуство на етеричното масло, коешто изобилува со тимол, дејствува антихелминтично, па поради тоа се дава против цревни паразити.

Оваа мала билка е добро средство против дијареја, бидејќи содржи значителна количина на танини.

Приготвениот чај од мајчина душица е докажан како ефикасно средство против заболувања на дишните патишта, прекумерна количина на слуз во бронхиите и против бронхијална астма, воспаление на белите дробови, хроничен бронхитис.

При долготрајна употреба на чај од мајчина душица, по една чаша наутро наместо кафе, брзо се чувствува неговото лековито дејство, коешто се гледа во духовната свежина, чувството на пријатност во желудникот (овој чај го подобрува варењето на храната и дејствува благопријатно на желудечната слузница), отсуство на утринско кашлање и воопшто, подобрена состојба на организмот.

Нервно надразливи и депресивни луѓе со редовна употреба на овој чај, по одредено време, ќе почувствуваат значително подобрување на состојбата.