Мечкино грозје

(Arctostaphylos uva-ursi, fam. Ericaceae)

Мечкиното грозје е долгогодишна, зимзелена, многу разгранета, ниска грмушка, којашто е сосема полегната на земјата. Цветовите се ситни, ѕвонести, розеникави или бели, собрани во мали гроздести соцветија. Плодот е црвена, брашнеста, тркалезна бобинка со многу семиња.

Како активен дел од растението се користат листовите (Uvae ursi folium). Исушените листови од ова растение наизглед се ситни, обратно јајцести или лопатести, кожести, крти, голи, сјајни, дебели, темнозелени, со горчлив и опор вкус, без мирис. Листовите се берат напролет кога билката цвета, бидејќи тогаш листот е најлековит и има најголема концентрација на активни компоненти.

Во својот состав содржат фенолни гликозиди, од коишто поважни се арбутин и метиларбутин. Во листот потврдено е присуството на уште еден гликозид - ериколин, понатаму танини, гална киселина и други состојки.

Чајот се употребува како уроантисептик и како благ диуретик при уринарни инфекции. Обично се додава во комбинирани чаеви (Species urologicae и Species diureticae). Диуретичното дејство на чајот се базира на присуството на флавоноидите, а антисептичното на арбутинот и метиларбутинот.

Замените и фалсификатите на листот од мечкино грозје се многу чести. Разни видови Vaccinium содржат големи количини арбутин и повеќе се сметаат како замени за мечкино грозје. Vaccinium vitis idaea (брусница) содржи 6-7% арбутин во листовите коишто многу наликуваат на листовите од мечкиното грозје, но на лицето имаат точки видливи со голо око. Листот од шимшир нема арбутин, потенок е и има паралелни нерви. Тој е фалсификат.

Листот од мечкино грозје се употребува како ефикасно средство за подобрување на функцијата на органите за мокрење. Подеднакво е ефикасна билната мешавина од еднакви делови лист од мечкино грозје и надземен дел од ситница, килавица. При подготовка на чајот, се препорачува листот одредено време да се вари затоа што цврстата и кожеста конзистенција ја отежнува и ја оневозможува екстракцијата на арбутинот и на танините.

При воспаленија на уринарните патишта, циститис, уретритис, пиелонефритис и други слични состојби поволно дејствува мешавината на листот од мечкино грозје со бреза, жалфија, свила од пченка, килавица, ризом од пиревина и други диуретични билки, коишто значително ги олеснуваат симптомите на споменатите воспаленија.