Бозел

(Sambucus nigra, fam. Caprifoliaceae)

Бозелот е грмушка или мало дрво, високо до 5 m, многу разгрането и со гранки исполнети со бела срцевина. Има непарно перести листови и ситни, јајцесто издолжени, млечно бели цветови, со јак мирис, здружени во прекрасни, крупни штитести соцветија. Цветовите имаат својствен, многу пријатен мирис, а вкусот најпрво е слузаво-сладок, а потоа малку лут и горчлив. Плодовите се ситни, сочни бобинки кои кога ќе созреат имаат темновиолетова боја и се исполнети со сок.

Бозелот цвета од мај до јули. Цветните китки од бозелот се берат по убаво и суво време, веднаш по отворањето на цветовите.

Цветот од бозел содржи хетерозиди (самбунигрозид – цијаногенетски хетерозид) коишто предизвикуваат потење, флавонски хетерозид – рутозид, потоа танини, етерични масла, смоли, шеќери, холин и органски киселини.

Дејствува дијафоретично земен во облик на топол чај, предизвикува зголемено потење со што го ослободува организмот од токсините. Со потењето и со детоксикацијата се намалува телесната температура, што е од голема важност за смирување на симптоми на настинка и подобрување на функцијата на респираторните патишта. За оваа цел, цветот од бозел може да се користи поединечно или во комбинација со цвет од липа и камилица.

За полесно искашлување на густата слуз се користи во комбинација со подбел, бел слез и анасон. Три супени лажици од оваа билна мешавина се преливаат со 400 ml свежо зовриена вода, се остава да отстои 2 часа во покриен сад и се пие на секои два часа по една лажица. Во фитотерапијата се користи како средство за зголемување на диурезата, односно за зголемено излачување на урина при заболување на бубрезите, мочните канали и на мочниот меур (во комбинација со чај од магдонос, смрека и анасон во еднакви делови).