ЕДНОКОМПОНЕНТНИ БИЛНИ ЧАЕВИ

Еднокомпонентните билни чаеви, всушност, се билки кои најчесто се комбинираат во мешавини или се користат сами. Оваа група чаеви поделена е во неколку подгрупи, во зависност од тоа од кој дел, односно орган, од растението се подготвува: цветови (flores); лисја (folia); надземни делови, треви (herbae); плодови и семиња (fructus et semina); кори (corties); корења, ризоми (radices, rhizomata) и разно (diversa).

Лековитите супстанции што се наоѓаат во билките се извлекуваат од нив преку одреден начин на третирање, варење или со попарување со вода. Цврстите или груби делови од билките, како на пр.: корен, кора, плод и семе, што содржат термостабилни активни супстанции, се подготвуваат со варење во одредена количина вода (како декокти). Должината на варењето е различна за секоја билка и зависи од активните компоненти на билката. Најчеста доза е една супена лажица од билката со 250 ml вода. По варењето чајот се процедува. Другите делови од билките што спаѓаат во групата органи со нежна структура и што содржат етерични масла или други термолабилни материи, се подготвуваат со попарување со зовриена вода (како инфузи). Се оставаат да отстојат одредено време во покриен сад и се процедуваат. Најчесто, за возрасни една супена лажица (за деца - кафена лажица) се попарува со 200-250 ml вода. Некои билки, како што е лененото семе, се подготвуваат со прелевање со студена или со млака вода. Се оставаат да отстојат еден час, при што неколку пати се промешуваат. Овие билки содржат слузни материи што не треба да се изложуваат на топлина, а на кои им е потребно повеќе време за да се екстрахираат од билката.

Еднокомпонентните чаеви со кои располага Билната аптека најчесто доаѓаат во облик на пакувања „рефус“, по 50 gr или по 100 gr и кај нив билките се исецкани до одредена големина.