Анасонот е многу важна лековита, ароматична, зачинска, медоносна билка. Тоа е двегодишна или повеќегодишна зелјеста билка и има повеќе вариетети. Стеблото е валчесто, разгрането, високо 1-2 m. Листовите се игличесто-кончесто поделени, на долниот дел се со подолга лисна дршка, кон врвот се со помала, а врвните се седечки. Цветовите се мали, жолти, собрани по 8-12 во штитести соцветија на врвот на стеблото и гранките. Целата билка има многу пријатен мирис што особено се чувствува ако се протрие помеѓу прстите. Вкусот е сладок и ароматичен од каде му потекнува називот, сладок анасон.
Плодот е шизокарп составен од два мерикарпи, коишто со притисок лесно се одделуваат. Има издолжена форма, жолто-кафена боја, пријатна арома, ароматичен, сладок и малку лутлив вкус.
Плодот од анасон (Foeniculi fructus) има сложен хемиски состав. Носител на дејството е мирисното етерно масло. Освен етерно масло, плодот содржи и белковини, масно масло и шеќери. Етерното масло се добива со дестилација на зрелите здробени плодови и е богато со анетол, состојка со сладок вкус и благ пријатен мирис, од каде потекнува мирисот и вкусот на самата билка.
Употребата на плодот од сладок анасон е честа и разновидна. Може да се употребува како поединечен чај или во комбинација со други лековити билки со слично делување, пред сè поволно на органите од системот за варење на храната и од системот за дишење. Речиси сите билни мешавини коишто се употребуваат против подуеност и слични тегоби настанати од насобрани гасови во органите за варење, содржат анасон како главна и незаменлива состојка.
Плодот од анасон е главна состојка и во мешавините коишто помагаат за подобрување на столицата. Билките од овие мешавини придонесуваат за подобро варење на храната, забрзување на перисталтиката на цревата, обезбедување на редовно празнење на цревата, како и зголемена елиминација на вишокот на течности. Поради присуството на сладок анасон, овие чајни мешавини не создаваат грчеви и се препорачуваат за подобрување на состојби на хронична опстипација.
Исто така, чајните мешавини коишто го олеснуваат искашлувањето на густиот секрет од белите дробови и се препорачуваат на пациентите со хронични заболувања на респираторните патишта, секогаш содржат плод од анасон. Мешавината којашто го помага смирувањето на кашлицата во својот состав содржи слатко дрвце, бел слез, подбел, мајчина душица, лопен, сладок анасон коишто синергистички делуваат, ја смируваат надразнетата слузница при сува кашлица и го помагаат смирувањето на кашлицата. Истовремено, разредувајќи го густиот секрет, помагаат да се олесни искашлувањето при продуктивна кашлица. Оваа мешавина поволно дејствува при воспаленија на горните дишни патишта, а се користи и за смирување на настинка.
Активното дејство на анасонот се должи на присуството на скапоценото етерно масло во неговиот состав. Носител на пријатниот својствен мирис, слаткиот вкус и значителната антисе птична моќ на етерното масло е анетолот.
Плодот од сладок анасон влегува во состав на билни мешавини коишто се препорачуваат за намалување на телесната тежина, поради благопријатното делување на процесот на варење на храната и отстранување на тегобите коишто настануваат како резултат на тешко и бавно варење.