Троскот

(Polygonum aviculare, fam. Polygonaceae)

Едногодишна, ситна зелјеста билка, чии тенки, цврсти, жилави разгранети стебленца ползат по земја. Има ситни, долгнавести листови и многу ситни розеникави или црвеникави цветови. Расте покрај патишта и околу куќи. Цвета од пролет до доцна есен. Како активен дел се користи целата билка во цвет (Polygoni avicularis herba). Содржи флавонски хетерозиди, танини, витамин C, слуз, смоли, шеќери и силикати, растворливи и нерастворливи во вода.

Чајот од троскот повеќекратно се употребува во народната и во научната медицина, пред сè како благо атстрингентно средство за подобрување на функцијата на органите за варење, чир на дванаесетпалечно црево и на желудник, дијареја (крвава), желудечно-цревни воспаленија, надразнетост на цревната слузница, повраќање.

Оваа билка влегува во состав на диуретичните чаеви за исфрлање на камен и песок од бубрезите, заедно со лист од бреза, коњско опавче и други диуретични билки. Две супени лажици од оваа мешавина се преливаат со 500 ml зовриена вода, се остава да отстои 30 минути во покриен сад и се пие неколку пати во тенок на денот.

Во комбинација со лист од коприва и лист од боровинка, троскот се користи при појава на крв во урината. Чајот подготвен од оваа мешавина се пие во текот на целиот ден наместо вода.

Против продолжено и засилено менструално крварење значително може да помогне мешавината којашто во домашни услови се подготвува со мешање на еднакви делови на троскот со овчарска торбичка и имела. Две супени лажици од оваа мешавина се преливаат со 500 ml зовриена вода, се вари 5-10 минути и потоа се процедува. Се пие два пати во текот на денот, наутро и навечер по една чаша.

Мешавина од еднакви делови троскот, камилица, ајдучка трева и бела мртва коприва се препорачува при зголемен вагинален секрет. Билките од оваа чајна мешавина заедно дејствуваат, пред сè антимикотично, и ја регулираат вагиналната микрофлора. Чајот ја подобрува циркулацијата, дејствува противвоспалително и благо диуретично и со долготрајна употреба го намалува прекумерниот вагинален секрет. Се пие два пати во текот на денот, наутро и навечер, пред оброк.