Кантарион

(Hypericum perforatum, fam. Hypericaceae)

Жолтиот кантарион е долгогодишно зелјесто растение, високо 30-100 сm. Има цврсто, аглесто и разгрането стебло и цветови со темножолта боја, коишто имаат 5 венечни листови, многу толчници и прашници. Листовите се спротивно положни, долгнавесто јајцевидни, голи, со светлозелена боја. Латинско име потекнува од присуството на жлезди во заднината на лисјата, коишто се полни со етерично масло и му даваат на листот перфориран, дупчест изглед. Цвета од мај до септември и се бере горната половина од билката во цвет (Hyperici herba), којашто има својствен мирис и опор, горчлив и ароматичен вкус.

Во надземниот дел од билката има мешани танини, од кои најмногу катехински, потоа етерно масло, смоли, антоцијани, црвена боја хиперицин, каротен и флавоноидни хетерозиди (хиперозид, рутозид, кверцитозид и други состојки од коишто потекнува жолтата боја), холин, витамин C и траги од алкалиоди. Етерното масло се состои од кадинен, и други сесквитерпени, естри на изовалеријанска киселина и малку азулен.

Кантарионот е познат уште од стари времиња. Ценет е во народната медицина и се користи надворешно против изгореници, исеченици, кожни воспалителни процеси, хемороиди, за зараснување на рани и како антисептик, но голема примена има и за внатрешна употреба, како средство против стомачни заболувања, за подобрување на функцијата на желудникот, црниот дроб, против дијареја итн. Дејството на надземниот дел од оваа билка е повеќекратно и се должи на нејзиниот сложен хемиски состав.

Малото од кантарион многу одамна е познато и се употребува во традиционалната медицина за третман на најразлични заболувања, што доволно зборува за неговата ефикасност. Жолтиот кантарион поседува изразено антибактериско (што се должи на присуството на фенолни соединенија), антивирусно, атсрингентно (што стега, собира, затвора), антиулцерозно дејство (против чир), холагогно (зголемува лачење на жолчката), антифлогистично (против воспаленија), стомахично (помага при стомачни заболувања). Поради овие својства, кантарионот го намалува воспалението на ткивото, го зголемува регенеративното својство на ткивото и води до негова побрза реепителизација, односно повторно создавање обвивка.

Жолтиот кантарион, подготвен во облик на топол чај, попарок или пак во облик на масло, се препорачува при диспептични нарушувања во системот за варење, при улцерозни состојби на желудникот и на дванаесетпалечното црево, а помага и при менопаузални симптоми. Билната мешавина којашто се препорачува за смирување на желудечни болки содржи лист од жалфија, петровец, жолт кантарион, лист од нане, лист од лист од маточина и кора од крковина.

Последниве години откриено е дејствувањето на хиперицинот како психотропно средство, со еуфорично својство. Поради ова, чајот од кантарион може да се дава против депресии.

Приготвениот чај од надземниот дел од кантарион се препорачува при ноќно мокрење кај деца, најчесто во комбинација со коњско опавче, анасон, мајчина душица и брусница и секако по претходна консултација со лекар.

Мешавината од корен од валеријана, маточина, нане и жолт кантарион дејствува седативно, смирувачки и спазмолитично. Овие билки имаат поволно смирувачко дејство при состојби на главоболки, мигренозни болки, раздразнетост, нервни слабости, нервозни срцеви заболувања, грчеви и ревматски болки. Мешавината поволно дејствува и при нарушување на сонот. Една кафена лажица од оваа мешавина се прелива со 200 ml зовриена вода и се остава да отстои 15 минути во покриен сад. Свежо подготвениот чај се пие навечер, пред спиење, засладен по желба. По потреба, може да се пие два до три пати во текот на денот.

Кантарионот делува и како тоник за крвните садови и како протектор на капиларите, делување кое се должи на присуството на флавоноидите во неговиот состав.