Петровец

(Agrimonia eupatoria, fam. Rosaceae)

Ова е трајна зелјеста билка, висока до 60 сm. Расте насекаде. Лисјата се пересто поделени, цветовите се ситни и жолти, а плодот е ситен чичок. Целата билка има опор и горчлив вкус и слаб мирис. Како активен дел од растението се собира целиот надземен дел од растението (Agrimoniae herba). Претставува типична танинска горчлива ароматична билка, којашто има многу слично дејство со подабичето (Teucrium chamaedrys) и срцевата трева (Potentilla tormentilla).

Се употребува како омилено народно растение за подобрување на состојбата при дијареја, дизентерија, катар на желудник и црева, заболувања на жолчката и на црниот дроб. Во комбинација со лист од нане, цвет од смил, цвет од камилица, кора од крковина и пелин поволно дејствува за подобрување на функцијата на жолчните патишта. Една супена лажица од оваа мешавина се прелива со 250 ml зовриена вода и се остава да отстои 30 минути во покриен сад со повремено мешање, а потоа се процедува. Се пие свежо приготвен незасладен чај, два пати на ден пред јадење.

Комбинацијата на сушен надземен дел од петровец со лист од жалфија, ајдучка трева, жолт кантарион, лист од нане, лист од маточина и кора од крковина се препорачува за смирување на желудечни болки, за смирување на надразнета желудечна слузокожа и за подобрување на фунцијата на желудникот. Присутните компоненти во мешавината благотворно дејствуваат на функцијата на желудникот, стимулирајќи го лачењето на неговите сокови, смирувајќи ги спазмите, дејствувајќи антибактериски и противвоспалително, особено во случаи на чир на желудникот. При состојби на надразнетост на слузокожата на желудникот, ги смирува симптомите на гадење и повраќање. Воедно, сите присутни компоненти го подобруваат варењето на храната и придонесуваат за смирување на желудочните тегоби. Се препорачува да се пие секогаш свежо приготвен, пред оброк, неколку пати во тек на денот. Една супена лажица од оваа мешавина се прелива со 300 ml зовриена вода. Се остава да отстои 10 минути, со повремено мешање, а потоа се процедува. Се пие незасладен, два пати на ден пред јадење.

Како еднокомпонентен чај или во комбинација со други лековити билки, чајот од петровец се препорачува и за рани, исекотини и кожни заболувања, како и против зголемен вагинален секрет.