Коњското опавче е жилав и отпорен плевел којшто расте на влажни места. Билката е висока околу 20-40 сm и со својот изглед потсетува на бор или на елка. Иглестите и долги листови се подредени на повеќекатни прешлени околу стеблото. Стебленцето е витко и шупливо. Од надворешната страна стеблото е избраздено, грубо, остро и карактеристично членесто. Активен дел од растението е целиот надземен дел (Equiseti herba).
Од хемискиот состав, како најважни ќе ги издвоиме сапонините – еквизетонин, кој се раствора во вода, потоа содржи аконитна, јаболчна и оксална киселина, смоли, танини, флавонски хетерозиди, витамин C, каротеноиди и горчливи супстанции.
Коњското опавче е познат диуретик, дејство кое се должи на присуството на сапонозидите, незаменлив и непроценлив е кога станува збор за крварења, воспаленија, камен и песок во бубрезите и при сите нарушувања на функцијата на урогенителниот тракт. При воспаленија на уринарните патишта се препорачува комбинација на коњско опавче со лист од бреза, жалфија и лист од мечкино грозје.
Оваа билка влегува во состав на многу диуретични чаеви, најчесто во комбинација со лист од бреза, троскот и ситница. Свежо подготвениот чај се препорачува да се пие неколку пати на ден, незасладен. Максималната дневна доза е 1 l чај, во времетраење од три недели.
Исто така, може да се користи и во комбинација со бела имела, глог, шипка, валеријана и маточина како мешавина која го помага намалувањето на крвниот притисок. Присуството на коњското опавче во оваа мешавина го помага излачувањето на вишокот течности од организмот. Мешавина од коњско опавче, глог и имела поволно дејствува и кај артериосклероза.
Кај пациентите со хронично заболување на бубрезите со хипертонија се препорачува мешавина од коњско опавче, лист од бреза и имела. Три супени лажица од оваа смеса се прелеваат со 500 ml зовриена вода, се вари 10 минути и се пие во текот на денот поделено во 5 дози.
Надземниот дел од коњското опавче благопријатно делува и за подобрување на симптомите на гихт и подагра, за леукореја (зголемен вагинален секрет), како и за подобро варење на храната и против гасови (во комбинација со мајчина душица, пелин, лист од нане и анасон).