Боровинка

(Vaccinium myrtillis, fam. Ericaceae)

Боровинката е грмушесто растение високо до 50 сm. Лисјата се наизменични, тенки, долгнавесто јајцести 2-3 сm долги, со переста нерватура. Цветовите се розово-бели, ѕвонести, поединечни и обесени. Се собираат на пролет додека билката цвета. Плодот е тркалезна, сочна бобинка, со темновиолетова боја и венче (прстен) на врвот.

Во листот има пирокатехински танини, арбутозид, флавонски хетерозиди, витамин C и други состојки.

Поради присуството на арбутозид листот делува слично со листот од мечкино грозје, ја зголемува количината на излачена урина и има диуретично дејство. Чајот со диуретично дејство којшто може лесно да се подготви во домашни услови треба да содржи еднакви делови лист од боровинка, лист од бреза, килавица, троскот и коњско опавче. Четири супени лажици од оваа мешавина се попаруваат со 1 l зовриена вода, се остава да отстои 30 минути во покриен сад и се пие наместо вода.

Листот од боровинка има особено важно дејство за намалување на нивото на шеќер во крвта, како антидијабетик.

За оваа цел, може да се употребува како еднокомпонентен чај подготвен со попарување со свежо зовриена вода (во облик на инфуз) или како билна мешавина којашто содржи лист од боровинка, мешунки од грав, лист од коприва, лист од бреза, корен од глуварче и пелин.

Оваа мешавина се препорачува како додаток во терапијата на дијабетес (дијабетес независен од инсулин), доведува до намалување на нивото на шеќерот во крвта и учествува во негова регулација, ја подобрува циркулацијата, а истовремено поволно дејствува на метаболизмот на црниот дроб. Оваа мешавина се препорачува кај дијабетичари, инсулин независни, по претходна консултација со лекар. Една супена лажица од мешавината се прелива со 250 ml зовриена вода, се вари 3 минути и се остава да отстои уште 10 минути во покриен сад. Свежо подготвениот чај се пие три пати на ден, половина час пред оброк, незасладен.