Благ пелин

(Artemisia annua, fam. Compositae)

Artemisia annua е вид, наречен благ пелин кој е нативен вид во Азија, Кина, но веќе натурализиран (расте) и низ целиот свет, вклучувајќи ја и Европа.

Младите гранчиња и листовите се со зелена боја, додека постарите гранчиња се со кафена, до виолетово-кафена боја. Билката е без влакненца, со висина од 30 до 100 сm, додека култивираните видови може да достигнат висина до 200 сm. Листовите се со должина од 3-5 сm и поделени се со длабоки засеци на две или три помали листенца. Билката се карактеризира со интензивен ароматичен мирис.

Содржината на артемисинот во билката варира во зависност од местото каде е собрана. Највисоката концентрација на артемисин достигнува 1-2%, изразено на сува маса на лист. Најдобар период за собирање се сончеви денови во раниот стадиум на цветање, т.е. се собира младиот надземен дел. Се суши на сонце.

Постојат две теории за потеклото на името. Според првата теорија билката го добила името според грчката божица Артемида, што во превод значи „таа што лекува болести“. Додека според втората теорија, билката го добила името според турската кралица, „Артемисија од Карија“.

Со помош на фитохемиски анализи идентификувани се различни компоненти вклучувајќи: стероиди, кумарини, феноли, флавоноиди, пурини, тритерпеноиди, липидни и алифатични компоненти, монотерпеноиди, есенцијални масла, алкалоиди и гликозиди.

Главни хемиски компоненти во билката Artemisia annua се сесквитерпеноидите, вклучувајќи ги артемисин, артемисин I, артемисин II, артемисин III, артемисин IV, артемисин V, артемисинска киселина, артемисилактон, артемисинол и епоксиартеануична киселина.

1. Целата билка помага при појава на крварења, дијареја, маларија, еритематозен лупус, а ги смирува и симптомите на настинка и грозница.

2. Листовите се користат за подобрување на функцијата на респираторниот систем, за астма, ги смируваат симптомите на бронхитис и болно грло подготвени во облик на топол чај, инфуз. Чајот подготвен од листовите на оваа билка наоѓа примена и за смирување на симптоми од колера, егзема, вирусен хепатит B, кожни болести и болести предизвикани од паразити.

3.Ризомот и коренот од благиот пелин, подготвени во облик на декокт, помагаат за подобрување на анемијата. Овој лековит напиток ги смирува симптомите на висока температура проследени со гадење, а поволно дејствува и го ублажува стегањето во градите коешто може да има различна етиологија.

Чајниот попарок подготвен од благиот пелин, наоѓа широка примена во третманот на маларија во афричките земји. Монографија за билката Artemisia annua има во кинеската фармакопеја, при што во истата се наведени како индикации треска и маларија.

Главна и најактивна компонента е артемисинот, чие својство како инхибитор на растот на растенијата е искористено за употреба како природен хербицид. Исто така, позната е и неговата улога во подобрување на функционирањето на имуниот систем, вклучувајќи ја имуносупресивната активност, како in vivo така и in vitro. Студиите вршени in vitro, укажуваат дека артемисининот и неговите слични компоненти го спречуваат растот на тумор-клетките и метастазите, делуваат инхибиторно на растот на хепатит B-вирусот, како и дека помага при рак на бели дробови и леукемија.

Извештајот од истражувачките студии, покажува дека артемисинот е особено ефикасен и значително помага во уништувањето на канцерогените клетки кај ракот на града.

Артемисинот содржи ендопероксидна група, којашто има улога во антиканцер активноста. Тој реагира со железниот јон и гради слободни радикали, кои се поттикнувачи на антиканцер активноста. Поради тоа, повеќето истражувања потврдуваат дека артемисинот е потенцијален антиканцер агенс и се препорачува како природна терапија против клетките на ракот.

Во истражувачките студии се идентификувани и други витални компоненти коишто поседуваат антитумор активности, како што се скополетин, артемисинин и неговите деривати. Како резултат на ова, во последно време, зголемен е интересот за изолација и карактеризација на артемисинот, ширум светот.

Неколку етноботанички примени на чајот од сладок пелин во Африка, исто така тврдат дека дека билката ги смирува симптомите настанати од воспаление со вирусот на СИДА-(HIV). Поради тоа, неодамнешните истражувања се насочени кон потврдување на антивиралниот потенцијал кон вирусот на СИДА, како една од водечките болести во светот, по смртност.

Билката Artemisia annua поседува биолошка ефикасност за превенција на многу болести, но тие механизми на активност на клеточно и молекуларно ниво сè уште треба да се истражуваат.

Приготвување: Една супена лажица од сувата билка, се прелива со 250 ml свежо зовриена вода и се остава да отстои 10-15 минути во покриен сад. Повремено се промешува, па се процедува. Свежо подготвениот чај се пие пред оброк, засладен по желба.

Дневна препорачана доза е од 4,5-9 g од сувата билка.

Несакани ефекти: Досега не се познати посериозни несакани ефекти кај пациентите во дози коишто се користат за третман на маларија, но сè уште е непознато дали повисоките дози коишто се препорачуваат за третман на канцер можат да предизвикаат несакани ефекти.

При орална употреба на благ пелин може да се појават абдоминални болки, брадикардија, дијареја, гадење, повраќање, намален апетит, симптоми слични на грип и треска. При надворешна употреба може да предизвика дерматитис. Интеракции: Експерименталните студии покажале синергистички активности со антинеопластични лекови, антибиотици, антимикотици, натриум бутират и хлорохин.