Долгогодишна зелјеста билка, висока до 1,5 m. Целата билка е богата со млечен сок, особено кога е млада. Коренот е вретеновиден, цврст, од надвор со темна боја, а во внатрешноста е скоро бел. Стеблото е право, цврсто и во горниот дел разгрането. Стеблото и листовите се покриени со кратки, цврсти влакна. Приземните листови се крупни, долги, по рабовите длабоко и неправилно поделени, а оние по должина на стеблото се пократки, долгнавесто копјести, помалку засечени по рабовите. Карактеристични се цветовите, кои имаат светлосина боја, големи се и впечатливи, сите се јазичести, поединечни или здружени во соцветија.
Оваа билка расте како плевел, по ливади, шуми, покрај патишта и на напуштени места. Цвета обилно преку цело лето. Целата билка е многу цврста и тешко се кине.
Коренот (Cichorii radix) се копа наесен бидејќи тогаш е најдебел и содржи најмногу лековити материи и инулин, резервна храна. Освен инулин и другите деривати на овошен шеќер, од хемискиот состав ќе ги издвоиме пектините, како и цикориетолот, којшто претставува горчлив кумарински дериват врзан во билката во облик на хетерозид.
Цикоријата наоѓа широка примена во народната, но и во научната медицина, најмногу за подобрување на функцијата нa органите за варење, пред сè за зголемување на апетитот, за подобрување на работата на желудникот, за подобро варење на храната, за пообилно излачување на урината, за подобрување на функцијата на жолчката и жолчните патишта и сл.
Се користи при хроничен катар на желудникот (во комбинација со подабиче, ајдучка трева, маточина и други лековити билки). Кај упорен катар на цревата и за зголемување на апетитот поволно дејствува комбинацијата на цикорија со подабиче и ајдучка трева.
За подобрување на функцијата на жолчката и жолчните патишта се препорачува смеса од сушен корен од цикорија со корен од глуварче, нане и подабиче, коишто заедно делуваат противвоспалително и спазмолитично, особено на жолчните патишта.
За подобрување на дигестијата делотворна е смесата со иѓир, подабиче, анасон и други билки кои благопријатно делуваат на функцијата на желудникот, стимулирајќи го лачењето на неговите сокови, смирувајќи ги спазмите, дејствувајќи антибактериски и противвоспалително. Воедно, овие компоненти го подобруваат варењето на храната и придонесуваат за смирување на желудечните тегоби.
Бидејќи инулинот е полисахарид кој со хидролиза во нашиот организам дава само левулоза (фруктоза или овошен шеќер), разбирливо е зошто во народната медицина цикоријата се препорачува на дијабетичарите. Ова е сосема оправдано, бидејќи сите билки од фамилијата Compositae, наместо скроб, како резервна храна, содржат инулин. Поради тоа, пациентите со шеќерна болест можат да ги користат сите билки од оваа фамилија како диетална храна.