Црвен глог

(Crataegus oxyacantha, fam. Rosaceae)

Дрогата се состои од исушени лисја и цветови од растението глог.

Глоговите се листопадни многугодишни растенија, кои растат како џбун или како ниско дрво, високо 2-3 m. Лисјата се собираат кога растението цвета и кога се добро развиени, а цветовите се собираат пред сосема да процветаат, во април – мај, а потоа се сушат по природен пат или во сушилници.

Исушените органи на глогот содржат флавоноиди – рутозид, хиперозид, потоа сапонозиди, аденин и други пурински деривати, холин, ацетилхолин, танини, ароматични киселини.

Глоговиот лист и цвет се користат како благ лек за смирување, против несоница, вознемиреност, душење, како срцеви седативи, за намалување на крвниот притисок бидејќи ги шират крвните садови, односно дејствуваат вазодилататорно.

Главната индикација за употреба на чај од глог е неправилност на срцевиот ритам (аритмија) и намалување на срцевата работа (декомпензација на срцето). Во овој случај, исушениот чај од глогови лисја и цветови се меша со еднаква количина исушени лисја од маточина и подготвен како инфуз се пие три пати во денот пред оброкот.

При состојби на артеросклероза и на висок притисок, чајот од глог е добро да се комбинира со еднакви делови коњско опавче и чај од имела, а за третирање нервна напнатост делотворна е мешавината со хмељ, валеријана и маточина.

Посебно треба да се напомене дека при долготрајна секојдневна употреба на чајот од глог може да дојде до појава на негова неподносливост. Поради тоа, по 5-7-дневна употреба, мора да се направи пауза од 2-3 дена. Разбирливо е дека пациентот мора да биде под постојана лекарска контрола.