Русата е долгогодишна зелјеста билка којашто расте насекаде како плевел. Кога свежата билка ќе се исече, од неа истекува млечен сок. Неговата лутина и горчина одамна го привлекле вниманието на фитотерапевтите и поради тоа се користи за подобрување на симптомите на различни заболувања од дамнешни времиња до ден-денес.
Листовите се непарно перести, расечени на пет делови, со нерамно назабени рабови. На лице, тие се со затворена, а на опачината со поотворена зелена боја. Листовите, при основата се со лисна рачка, а колку се оди погоре, кон врвот на стеблото, лисните рачки се помали, а листовите на врвот се без нив. Цветовите се мали, со убава жолта боја и избиваат по 4-5 од пазувите на листовите. Цвета во мај и јуни.
Активен дел кој се користи од ова растение е нејзиниот надземен дел (Chelidonii herba).
Билката, односно нејзиниот млечен сок, содржи смоли, етерични масла и десетина алкалоиди (хелидонин, хомохелидонин, хелеритрин, сангвинарин) и други. Хелидонинот е главен алкалоид којшто дејствува седативно, слично како папаверинот. Хелеритринот има локално надразнувачко дејство. Сангвинариновите соли се црвено обоени, ја подобруваат перисталтиката на цревата и го стимулираат лачењето на плунка. Во билката има и органски киселини, јаболчна, лимонова и други.
Русата, во комбинација со подабиче, нане, маточина и петровец, се користи за подобрување на функцијата на црниот дроб. За оваа намена, се препорачува и мешавина од руса, подабиче, кора од крушина, нане, маточина и камилица. Сите билки од оваа мешавина дејствуваат поволно на работата на црниот дроб, стимулирајќи ја неговата активност, дејствувајќи противвоспалително, хепатопротективно, како и поволно при варењето на храната.
Исто така, оваа билка се користи и за превенција од астма и за подобрување на функцијата на органите за варење. Во овие случаи најдобро е да се користи еднокомпонентен чај од билката, подготвен како топол напиток со попарување со свежо зовриена вода (инфуз), или да се подготви смеса од еднакви делови руса, подбел и петровец.
Билната мешавина од еднакви делови на руса, нане, линцура, глуварче и водопија има холеретично и холагогно дејство, односно помага за подобро функционирање на жолчката и на жолчните патишта. Слично дејство, за смирување на воспалението на жолчните патишта, има и мешавината од руса со црвен кантарион, нане и смил. Комбинација од овие билки, придонесува за регулирање на функцијата на жолчката, делуваат противвоспалително и спазмолитично, особено на жолчните патишта и придонесуваат за подобрување при варењето на храната.